Живот
22. April 2021 - 8:59

Што е со патентот на вакцините, дали откажувањето од него може да ја спаси планетата?

Хина – Загреб

Една година откако ковид беше прогласен за глобална пандемија и светските фармацевтски компании влегоа во трка да најдат вакцина против смртоносната болест, се појави полемика околу заштитата на нивната интелектуална сопственост. Бидејќи ова ја прави вакцината поскапа и може да го ограничи пристапот до неа, се зголемуваат повиците компаниите привремено да се откажат од тоа право.

Новинарите во 1955 година го прашаа Џонас Салк, пронаоѓачот на вакцината против детска парализа, кој го поседува патентот за вакцина за спасување живот.

– Народот, би рекол. Нема патент. Кој може да го патентира Сонцето? – одговори тој.

И додека историчарите ќе кажат дека „подарокот од Салк за светот“ можеби не е толку алтруистички како што изгледа, бидејќи би било тешко да се квалификува за патент според тогашните критериуми, фактот дека американски виролог ги спасил животите на милиони деца делумно се должеа на недостигот на заштита на интелектуална сопственост.

Шефот на СЗО: Повеќето држави гледаат и чекаат вакцинација

Сега, кога бројот на жртви на ковид надмина три милиони, прашањето за патент за вакцина се претвори во една од најжестоките дебати на планетата. Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, ги повика државите и фармацевтските компании да се откажат од заштитата на интелектуалната сопственост со цел целиот свет да се бори еднакво против коронавирусот.

– Досега повеќето вакцини биле администрирани во неколку богати земји, додека повеќето држави со низок и среден приход гледаат и чекаат, рече тој во март. Според неодамнешниот извештај на АФП, 49 проценти од досега произведените дози на вакцини биле администрирани на Запад, каде што живее само 16 проценти од светската популација.

Проблемот, вели шефот на СЗО, е што не може да се постигне доволно вакцинирање во светот се додека богатите земји дозите, технолошкото знаење за производство на вакцини и правата на интелектуална сопственост ги држат под клуч.

Бесплатни вакцини за сите?

Јужна Африка и Индија беа првите земји кои повикаа на одрекување од патентите за вакцини, и оттогаш им се придружија осумдесет земји во развој и групи како што се Лекари без граници и Амнести Интернешнл. Земјите кои произведуваат вакцини, како што се Велика Британија, земјите на ЕУ, Швајцарија и САД, ги блокираат ваквите напори затоа што плаќањето за интелектуална сопственост овозможува истражување и иновации и штити од дупликати со слаб квалитет.

Д-р Ане Сенекиер, истражувач при Францускиот институт за меѓународни и стратешки работи, смета дека откажувањето од патентите несомнено би ја направило вакцината подостапна, но истовремено тоа може да биде и ризично.

– Приватните лаборатории секогаш се финансираат подобро од владините, рече таа, додавајќи дека патентите им помагаат на компаниите да ги вратат своите инвестиции.

– Ако не можете да им гарантирате на лаборатории дека ќе им бидат вратени инвестициите во истражувањето, тие веројатно ќе престанат да инвестираат. На пример, огромното мнозинство на лекови што се развиваат на Запад денес се наменети за лекување на болести како дијабетес и висок крвен притисок. Значи, станува збор за лекови кои се профитабилни, објасни таа.

Иако би било тешко да се спротивставиме на ова под нормални околности, истражувачите на вакцини против ковид добиле околу 10 милијарди долари од даночните обврзници, што значи дека вакцините веќе им припаѓаат на луѓето на многу начини.

Рецепт без упатство

Но, дури и ако некои компании изберат да не применуваат патенти на своите вакцини за време на пандемија, како што е „Модерна“, невозможно е да се репродуцира вакцината ако компаниите не го споделат и нивното знаење.

– Фактот дека Модерна нема да го користи правото на патент за време на акутната фаза на пандемија нема да значи многу ако не го сподели своето знаење со другите за да можат да произведат вакцина, смета Оливие Вутерс, професор во лондонската школа за јавно здравје. Тој тврди дека богатите земји кои финансирале развој на вакцини можеле да побараат повеќе од компаниите со кои склучиле договор.

– Би имало многу поголема смисла да кажеа: Ќе помогнеме да го финансираме развојот и производството на вашата вакцина, но под услов да соработувате со колеги од Индија, Бразил и други производители од целиот свет, рече Вутерс.

Греам Датфилд, професор на Универзитетот во Лидс и автор на книга за правата на интелектуална сопственост и трговија, се согласува со Вутерс. Тој го споредува одрекувањето од патенти без споделување знаење со рецепт без пропорции и упатства.

– Она што навистина ни треба се регионални центри низ целиот свет, во Африка, Латинска Америка и Океанија, кои ќе произведуваат за глобални потреби, заклучи Датфилд.