Свет
15. August 2016 - 9:37

Штајмајер: Германија и Русија треба да поддржат меѓусебен дијалог

Германија и Русија треба да поддржат меѓусебен дијалог и покрај несогласувањата, изјави денеска шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајмајер пред студентите од Уралскиот федерален универзитет во Екатеринбург.

- Не сме ја надминале кризата во односите... Сепак, Германија и Русија не треба да си вртат грб, туку да поддржат дијалог. Важно е да се избегнува недоразбирање за безбедносните прашања, посочи Штајмајер.

Тој меѓу причините за недоразбирање ги спомна настаните на Крим и во Украина. Штајмајер додаде и дека неиочекувано било вмешувањето на Русија во Сирија.

- Многумина во следните години очекуваат зближување меѓу Русија и Европа. Вклучително и јас, наведе Штајмајер.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека Русија и Германија имаат несогласувања и тоа не по вина на Москва.

Штајмајер и Лавров денеска на Уралскиот федерален универзитет ќе ја отворат руско-германската летна школа „Патиштата за развој на енергетскиот сектор. Современи предизвици“. Во програмата се опфатени и преговори, а главни теми ќе бидат Сирија и Украина. 

- И покрај ниското ниво во односите со Германија, ова е важен проект за нас и според мене и мојот гостин, важни се контактите на младите генерации за иднината на тие односи, истакна Лавров.