Македонија
9. October 2019 - 15:06

Шилегов: Дрисла нема техничка можност да спалува опасен отров или материјал

Нема техничка можност во депонијата Дрисла да се спалува отпад од било каков карактер освен медицински отпад, порача денеска градоначаникот на Град Скопје Петре Шилегов.

Прашан дали може на скопјани да им гарантира дека во Дрисла не се гори опасен отров или материјал, Шилегов рече дека надлежен за надзорот на работата на депонијата во еколошка смисла како капацитет со „А“ лиценца е Државниот инспекторат.

-Во Дрисла не постои погон кој може да согорува таков тип на отпад, бидејќи таму има само инсинератор (горилник) за палење на медицински оптад. Друг вид на отпад за жал не се гори. Ако успееше постапката за избор на приватен партенер  таков тип на инсталација беше еден од таргетите кои Градот ги постави, рече Шилегов во одговр на прашање пред почетокот на свеченоста по повод одбележувањето на патрониот празник на средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин“ и пуштањето во употреба на фотоволтаична електрана во училиштето.

Тој прецизира дека Градот ги заврши сите постапки кои во формална смисла значат преземање на Дрисла како јавно прептријатие и додаде дека Централниот регистар има свој став што, како што рече, за жал не соодветствува на ставот на Градот.

-Но, сите треба да ја имаме во предвид општествената одговорност и јавниот интерес на Градот, а тоа е дека после девет години не смееме да ја пропуштиме шансата Дрисла да стане капацитет на јавното прептријатие. Во овој момент во формална смисла не постои постапка во која Градот треба да избере некаков приватен партнер кој би раководел со Дрисла, а за жал порано избраниот партнер се уште е внатре и се уште стопанисува и без никаков правен основ реализира одредени профити иако нема формален основ, рече Шилегов.

Потсети дека Советот на Град Скопје веќе донесе одлука да се прекине постапката и да се врати Дрисла како јавна споственост и како јавно претпријатие.