Свет
2. March 2017 - 15:50

Шестмина припадници на обезбедувањето на хотел во Тунис обвинети во врска со терористички напад

Туниските власти обвинија шест лица од службата за безбедност во хотелот во близината на градот Сус, каде во јуни 2015 година во терористички напад беа убиени 38 туристи, од кои 30 беа Британци.

Сите шестмина се обвинети затоа што не им помогнале на гостите во хотелот, кога еден туниски студент приврзаник на џихадистичката група Исламска држава (ИД) почна да пука врз гостите кои се одмарале на хотелската плажа, туку избегале без да интервенираат.

Покрај шестмината припадници на службата за бебзедност на хотелот „Империјал Мархабс“ во познатото туниско летувалиште Порт ал Кантауи, во врска со нападот се уапсени уште 14 лица, додека против 12 други се води истрага по сомнеж за поврзаност со напаѓачот.

Полицијата трага по уште седум лица, кои се во бегство, поради поврзаност со овој терористички напад.

Истрагата на туниските власти за нападот врз странските туристи кај Сус заврши уште во јули минатата година, по што целиот случај му беше предаден на тунискиот Кривичен суд, но засега не е познато кога ќе се одржи судењето.

Роднините на британските жртви најавија вчера дека ќе ја тужат туристичката компанија ТУИ, затоа што ги одвела на одмор во Тунис, не обезбедувајќи им соодветна заштита, иако првично биле уверувани дека земјата е „безбедна за странските туристи“.

Нападот во Порт ал Кантауи, во близината на Сус, се случи само три месеци по нападот врз друга група странски туристи во музејот „Бардо“ во тунискиот главен град, во кој настрадаа 24 лица.

Владата во Тунис настојува да ја увери туристичката индустрија дека земјата е „100 отсто безбедна“ за да ги врати странците кои пред т.н. арапска пролет во голем број летуваа и ја посетуваа оваа северноафриканска држава.

Повеќе од 400 илјади Британци годишно го посетуваа Тунис, но британскиот Форин Офис и натаму порачува да не се патува во оваа земја, затоа што опасноста од терористички напад останува мошне голема.