Македонија
7. August 2024 - 12:43

Шест активни пожари, девет под контрола

Шест пожари се активни во моментов низ државава, а девет се под контрола, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во изминатите 24 часа имало 2.601 повик на 112 во ЦУК. Регистрирани биле 41 пожар, а од нив, 26 биле изгаснати.

Според податоците од Регионалниот ЦУК - Битола, во активниот пожар на Плакенска - Илинска Планина, на подрачјето на општина Демир Хисар, гори сува трева на потегот од селата Вирово, Слоештица, Базерник и Мало Илино.

- Најаларманто е над Базерник и Мало Илино каде огнот се доближува до букова шума. Контактиран е градоначалникот на општина Демир Хисар и на терен е упатена една екипа од ТППЕ - Демир Хисар со тројца пожарникари, се појаснува во соопштението на ЦУК.

Податоците од РЦУК - Скопје покажуваат дека активен е и пожарот во атарот меѓу селата Драчевица и Црвена Вода, место викано „Темна Бука“ во општина Студеничани, што почна на 4 август.

- Опожарена е мешана ниска и висока вегетација. Во текот на денот интервенирале четири лица од ЈП НШ Караџица, Скопје. Пожарот е смирен и е забележано чадење на неколку места. Поради ветерот, пожарот е засилен и е повторно активен. Пожар има во атар на место викано „Дрешница“ над село Батинци во општина Студеничани, каде опожарена е мешана ниска и висока вегетација. Во текот на денот интервеинрале две лица од ЈП НШ подружница за скопскиот регион „Караџица“, Скопје. Според последните информации, утрово се забележува чадење, се додава во соопштението.

БППЗ на градот Скопје, со деветмина пожарникари и три противпожарни возила, од 12.20 часот, гаснеле запалена сува трева кај селото Градманци. Пожарот е активен во атарот на селото Дивље во општина Петровец.

- Од 12.35 часот, БППЗ на градот Скопје со петмина пожарникари и две противпожарни возила, како и две лица од ЈП НШ Караџица - Скопје, интервенираат поради запалена мешана вегетација, на неутврдена површина помеѓу селата Долно Количани и Горно Количани, исто така во општина Студеничани. Поради непристапност на теренот, БППЗ од 16 часот се повлечени, се појаснува во соопштението.

Од 17.30 часот во село Средно Блаце се гаснела мешана вегетација на неутврдена површина. Интервенцијата ја извршувале едно противпожарно возило и тројца пожарникари.

- На лице место има присутни и две лица од Караџица. Пожарот е изгаснат во општина Чучер Сандево, пишува во соопштението.

РЦУК - Охрид информира дека пожарот на Илинска Планина, што зафаќаше делови од општините Охрид и Демир Хисар, е проширен на територијата на опшина Дебрца.

- Пожарот е активен и е навлезен во шума во атарот на селото Брежани на непристапен терен каде тешко може де се гаси. Вчера на терен имаше петмина пожарникари со едно моторно возило и околу 10 лица  од ЛС Дебрца и ШС Галичица кои се активни во гаснење на пожарот. Во текот на денот во негово гаснење интервенирале и два хелихоптера - еден српски и еден од МВР. На терен е ангажирана и една тешка машина што прави засесоци на теренот, се истакнува во соопштението.

Пожарот во околината на потегот на селата Косел - Вапила - Опеница - Расино во општина Охрид, што се појави на четири различни точки во градот, е целосно изгаснат. Во текот на денот на терен ќе има 10 лица од ЈП НШ - подружница „Галичица“ за да се контролира, чади уште малку во внатрешноста, нема никаква опасност од негово проширување.

Пожарот на планината Галичица е локализиран.  

- Во текот на денот на пожарот дејствуваше екипа од 10 лица од НП Галичица и од Единицата за спасување на планина од Црвен Крст - Охрид и петмина пожарникари од ТППЕ - Охрид, при што истите се префрлени со хелихоптер до местото на пожарот, исто така дејствуваа и два авиона „ер трактор“. Се планира екипа од НП „Галичица“ да оди да го провери местото на пожарот, се додава во соопштението.

Кракот на пожарот кон селото Тажево е под контрола, на терен во текот на денот имало една екипа од ЈП НШ што, како што се наведува, ќе носи само храна.  

- Кракот на пожарот кон селото Брезница е активен. На терен во текот на денот имало двајца пожарникара од ТППЕ - Македонски Брод со едно противпожарно возило, 30 припадници на АРМ и 40 припадници на Унгарски специјални сили со сопствена софистицирана теренска опрема за гаснење шумски пожари. Истовремено се дејствува врз делови од пожарот и од воздух со еден хелихоптер, што според можностите, неколкупати фрлил вода, соопштија од ЦУК.

Пожарот во атарот на селата Латово - Планица е под контрола, а чади само внатрешно, при што на терен во текот на денот немало лица за интервенција.

Пожарот во атарот на селото Слатина, општина Македонски Брод е активен, гори нискостеблеста вегетација. На местото на пожарот во текот на денот интервенирале две лица од ТППЕ - Македонски Брод со едно моторно возило од ЕЛС Македонски Брод.

Во 19 часот, започнат е пожар на мешана шума во атар на селото Зајас. Во гаснењето на пожарот интервенирале четири лица од ЈП НШ подружница Лопушник од Кичево.

Според РЦУК - Велес, бил започнат пожар помеѓу селата Ореше и Папрадиште, општина Чашка. Со пожарот е зафатена површина насадена со млади насади од шума. Во гаснењето на пожарот во текот на денот интервенирале петмина пожарникари со едно противпожарно возило и пет лица од ЕЛС Чашка.

РЦУК - Штип информира дека според последните информации за пожарот кај Пониква, има повторно разгорување на крак од актуелниот пожар кај селото Зелени Град, но и кај село Јамиште кон место викано „Панаѓур“.

- Се работи за пожар на којшто не може да му се пристапи од територијата на општина Пробиштип, но, е пристапно од кочанската страна, па затоа се ангажирани сили од Кочани, пишува во соопштението.

Депонијата во Делчево, според ЦУК, сосема малку тлее во внатрешноста, но, нема опасност од проширување на огнот.  

- На лице место е едно лице - чувар, вработено во ЈКП„ Брегалница“ кое ја следи состојбата со депонијата, се нагласува во соопштението на ЦУК.