Шекеринска на средба кај Сиљановска
Откако телефонски разговарале, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска лично и ја честиташе функцијата на Радмила Шеќеринска, заменик генерален секретар на НАТО.
За обете важната функција е не само лично, туку и државно признание, доказ дека единството и консензусот меѓу носителите на највисоките функции се клучот за успехот и афирмацијата на државата.
Претседателката изрази уверување дека г-ѓа Шекеринска, ќе даде значаен придонес во остварувањето на клучните цели на Алијансата: унапредувањето на колективната безбедност, зајакнувањето на солидарноста меѓу сојузниците и справувањето со современите закани, стои во соопштението испратено од кабинетот на Сиљановска по средбата.
Сиљановска потврдувајќи ја комуникацијата со Шеќеринска порача дека ова е престижната функција, која е од големо значење, не само за неа, туку и за државата.
Шеќеринска која станува втор човек на Алијансата преку социјалните мрежи се заблагодари за поддршката и порача дека пред неа е одговорност која бара целосна посветеност и работа на теми кои се клучни за глобалната безбедност и стабилност. Најави дека ќе биде посветена на меѓународниот мир, соработка помеѓу земјите членки на НАТО.
Македонската влада без дилема ја поддржала кандидатурата на Шеќеринска, а премиерот Мицкоски информираше дека и телефонски разговарал со неа. Порача дека и покрај различните политички идеологии, мора да соработуваат заедно за да и се помогне на македонската армија, а со тоа и на безбедноста на Македонија.
Новоназначената заменик-генерална секретарка на НАТО Радмила Шеќеринска, попладнево организираше прием по повод изборот на функцијата во еден скопски хотел. Според најавите од НАТО, Шеќеринска ќе ја преземе функцијата до крајот на годината.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар