Македонија
1. December 2021 - 14:29

Шахпаска – Канем: Македонија е лидер во регионот во унапредувањето на човековите права

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со извршната директорка на УНФПА Наталија Канем и со Алана Армитаж, директорка на регионалната канцеларија на УНФПА за источна Европа и централна Азија.

На состанокот, кој се одржа на маргините на дводневната министерска конференција за демографската иднина на Европа, што се одржува во Софија, присуствуваа и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, на средбата директорката Канем и Армитаж и оддадоа посебно признание на нашата држава и беше потенцирана како лидер во регионот, во делот на унапредување на човековите права, особено во делот на прашањата за родово базирано насилство, родова еднаквост, успешно спроведениот попис на населението, домаќинствата и становите во земјава, како и на успехот во унапредувањето на мајчиното и новороденечкото здравје.

Министерката Шахпаска истакна дека Министерството за труд и социјална политика и Владата креираат системски политики и преземаат конкретни мерки во делот на спречувањето на сите форми на дискриминација, унапредување на родовата еднаквост, борба против родово базирано насилство, како и целосно имплементирање на Истанбулската конвенција. Таа нагласи дека економската независност на жената е клучен елемент и затоа Министерството инвестира во изградба на градинки во рурални средини, но и во децентрализација на социјалните услуги кои можат да придонесат и помалку вработливите жени да се вклучени на пазарот на трудот.

На средбата, како што се наведува, беше договорено да се прошири и продлабочи соработката со УНФПА, особено во делот на креирањето и спроведувањето на демографските политики и размена на искуства со земјите во регионот за сексуално репродуктивно здравје и права.

Конференцијата, на која се дискутира за демографската отпорност и јакнење на капацитетите на земјите да одговорат на демографските промени во регионот, ја организираат Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и Владата на Република Бугарија. Главни теми на конференцијата се: стареење на населението, фертилитет, родова еднаквост, планирање на семејството, аспирации на младите, ревитализација на руралните области, финансирање на социјалните политики, како и поврзаноста меѓу демографијата и демократијата.