Ракомет
3. April 2016 - 16:51

СЕХА лига го продолжи договорот со спонзорот Газпром до 2020

На последниот ден од завршниот турнир на СЕХА лигата во Вараждин, прес конференција одржа и раководството на лигата на кое беше потенцирано дека соработката со главниот спонзор Газпром е продолжена.
- На задоволство на сите, ние го продолживме договорот за соработка со Газпром до 2020 година. Имавме неколку напорни состаноци во Москва. Сега наша цел ни е да се соближиме до Бундеслигата. Имаме сличен принцип на работа како и Лигата на шампионите, квалитетот на некои наши натпревари е најмалку на тоа ниво. Нам ни е големо задоволство дека три екипи од СЕХА лигата ќе играат во четвртфиналето на Лигата на шампионите, истакна претседателот на СЕХА лигата Михајло Михајловски на денешениот прес. 
 
За напредокот на ова натпреварување пофални зборови искажа и претседателот на Газпром Александар Анатолјевич Мешков:
- Лигата не стои на едно место и постојано се развива и станува се популарна, а тоа го потврдува и бројот на новинари во оваа сала. Ние како спонзор сме задоволни.
Пофални зборови за ова натпреварување искажа и генералниот секретар на Европската ракометна федерација ЕХФ Михаел Видерер.
 
Според најавите од СЕХА во следната сезона ќе се приклучат две екипи од Словенија, а Унгарската ракометна федерација и Веспрем имаат 15 дена да се изјаснат дали и следната година ќе бидат дел од лигата.  Завршницата на следниот „Ф4 турнир“ ќе се одржи во Белорусија, доколку Мешков Брест избори пласман на завршниот турнир.