Македонија
31. January 2018 - 13:46

Седница за пратенички прашања

Министерството за внатрешни работи, Управата за водење матични книги и Министерството за труд и социјална политика прават анализа за тоа колку лица немаат лични документи и македонско државјанство, а живеат подолго време во земјата, по што се можни законски измени за да се реши нивниот проблем, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој на седницата за пратенички прашања, одговарајќи на прашање поставено од Фадиљ Зендели од Беса, рече дека постојат повеќе основи за стекнување државјанство.

- Владата, односно МВР во соработка и со МТСП и Управата за водење на матични книги ги отворија овие прашања и анализираме барајќи решение како да дојдеме до решавање на овој процес, рече Спасовски.

Најголемиот дел од овие лица не се пријавиле за државјанство при осамостојувањето на Република Македонија, кои воопшто не се пријавиле ниту со привремен престој и сега го немаат клучниот доказ колку престојуваат на територијата и, како што кажа министерот за внатрешни работи, граѓани кои воопшто не евидентираат во ниту една евиденција во земјата, односно т.н. „фантоми“.

- Такви лица има повеќе од ромска националност во Градот Скопје и на другите места коишто се соочуваат со сериозни проблеми и никаде не се запишани, ниту можат да остварат какво било право, рече Спасовски.

Во изминатите шест месеци, како што рече Спасовски, реконструирани се седум полициски станици и објекти.

- Имавме три изградени објекти кои не беа пуштени во употреба. Комплетно ги опремивме полициските станици во Ѓорче Петров, Јегуновце, и новата зграда на управните служби на СВР Куманово, во поранешниот дом на АРМ, која од утре ќе биде ставена во употреба. Комплетно е реконструирана полициските станици во Струга, на железничкиот премин во Гевгелија, на магацинскиот простор во Орман во Скопје и објектот за правни работи и човечки ресурси при МВР, рече Спасовски одговарајќи на пратеничко прашање. 

Предвидено е во 2018 година, за што веќе е распишан јавен повик за склучување на рамковна спогодба за 60 милиони денари за две години да се реконструираат објекти и тоа два типа: полициски станици како ПС Галате, ГП Стење, СВР Куманово..., и просториите за приведување и лица во полициските станици во РМ.

- Во тој дел веќе се обезбедени средства од буџетот на МВР и ќе започнеме со реконструкција на полициските станици Велес, Охрид, Битола, Струмица, Куманово, Кичево, Пробиштип..., рече Спасовски.

Министерот информираше и дека за дел од нив комплетно се набавени униформи, 30 нови радари и оти се поправени 80 стари радари.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски информираше дека вкупната процена на штета кај земјоделците од климатските промени во 2017 година изнесува околу 30 милиони евра и оти очекува откако Владата ќе го одреди процентот на обештетување, во февруари да започне исплатата за земјоделците. Најави дека оваа точка ќе биде на дневен ред во вторник на следната седница на Владата.

Одговарајќи на прашање на пратеничката Мирсада Емини Асани од ДУИ, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека се разгледува иницијатива за проширување со трета лента на патот Тетово- Гостивар.

Прашан за автопатот Скопје - Блаце, тој кажа дека треба да биде направено повторно проектирање оваа година за да се избегнат сите проеблеми со кои би можело да се соочат, и потоа да се пристапи кон постапката за негова изградба.