Македонија
21. October 2025 - 16:37

Се заканува ли епидемија од сметот во Скопје?

Отпадот низ главниот град го вклучи алармот кај органите на прогонот и владата. Обвинителството нареди вонреден надзор во ЈП Комунална хигиена. Издадена е наредба за истражување и обезбедување докази за евентуално кривично дело. 

„Јавниот обвинител издаде наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на ЈП „Комунална хигиена“. Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба. “ 

Со одлука на Влада,  МВР доби задолжение заедно со сите надлежни инспекторати да го истражат работењето на Комунална и градоначалникот на Скопје. Од владата соопштија состојбата е алармантна и институциите веднаш да постапат по заклучоците. 

„Се задолжува и Министерството за внатрешни работи, во соработка со надлежните институции, а се укажува на Град Скопје-Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.“

Комуналното претпријатие е недостапно за изјави и информации. Оттаму попладнево испратија соопштение дека навремено ги исплаќаат платите на вработените и се загрижени од инфомациите дека се подготвувале протести на вработени поради само неколкудневно задоцнување на исплатата.

-  Нашите вработени испорачуваат основни услуги за градот а сме постојано саботирани од луѓе од власта. Ние ги исплаќаме платите на време и ќе продолжиме да го правиме тоа. Апелираме до Министерството за здравство веднаш да го исплати долгот од 5 милиони евра, за да не може никаков надворешен притисок или политичка акција да ја загрози егзистенцијата на нашите вработени.

 Актуелната градоначалничка на Скопје веќе подолг период не излегува јавно, но на ФБ вината за состојбата во главниот град ја префрла на владејачките партии. Ретко каде општините со своите служби го чистат дел од сметот по локалните улици. Градоначалникот на Центар испрати барање до ЗЕЛС за свикување итна седница за решавање на проблемот. 

Скопје станува потенцијално жариште на заразни болести. Полните контејнери и ѓубрето расфрлено околу нив се сериозна закана по здравјето на луѓето. На улица веќе се движат стаорци и глувци, дали на повидок е нова епидемија во главниот град?

 Граѓаните се сериозно загрижени и многу револтирани од состојбата во главниот град. Велат редовно ги плаќаат сметките за комуналии а услуга нема. 

 Со нашата камера направивме обиколка низ повеќе скопски општини и центарот на градот. Буквално насекаде контејнерите се преполни, а сметот е расфрлан по улиците. Блокирани се тротоарите за пешаците и велосипедските патеки, а ѓубрето го попречува и движењето на автомобилите. 

И социјалните мрежи се преплавени од фотографии од смет и преполни контејнери, расфрлан отпад по улиците. Граѓаните веќе бараат правна помош како да се справат со проблемот по институционален пат. 

Според светскиот ценар за контрола на болести повеќе од 35 сериозни болести како чума, туларемија и дезинтерија се шират токму преку глодарите. Досега македонските здравствени власти не излегоа со предупредување и информација како граѓаните да се заштитат.