Македонија
9. јуни 2025 - 17:20

Се шири болеста чума кај малите преживари во Албанија, стигна и во погранична област во близина на Дебар

Во Албанија се проширува  картата на болеста чума кај малите преживари, каде по северниот град Скадар, заразени грла се регистрирани и во Пешкопеја и пограничниот град Булќиза, кој е на дваесетина километри оддалечен од Дебар.

Албанската агенција за храна и ветеринарство информираше дека сите стада каде што се регистрирани случаи на зараза се ставени под карантин и оти во фармата во Поштиба, кај Скадар и во Мартенеш, кај Булќиза, уништени се над 200 грла, според соодветните стандарди.

Поради близината и појавата, иако поретко од претходно, на  шверц на добиток од албанска на македонска територија, постои голема опасност болеста да биде пренесена.

Веднаш по појавата на болеста, македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) воведе засилени мерки на надзор, особено во регионот на западна Македонија, со цел да се спречи внесување и ширење на болеста од соседна Албанија во земјава.