Македонија
9. јуни 2025 - 16:48

Нов осомничен за пожарот во „Пулс“

Александар Нацев од структурите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ е новиот осомничен на списокот на Обвинителството за пожарот во кочански Пулс. Иако неговото име не фигурира на хартија, се  сомничи дека тој е реалниот  сопственик на агенцијата за обезбедување Рубикон која за време на пожарот без писмен договор била ангажирана за безбедноста во дискотеката

Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице, се вели во соопштението на Обвинителството.

„Во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица“ – се вели во соопштението на Обвинителството во кое се додава дека за Нацев ќе бараат активен притвор. 

Денешното апсење на Александар Нацев е доказ дека правда има, и таа важи за сите, порачаа од владдејчката ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение
„Секој кој има било каква инволвираност со трагедијата во Кочани ќе излезе пред институциите, без разлика дали е член на ВМРО-ДПМНЕ, СДС, ДУИ или која било друга политичка партија.“ – порачаа од влладејчката партија. 
Александар Нацев подолг период е дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ. Беше и Директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информаци во претходниот мандат на неговата партија а политички најактивен беше во периодот по 2017та кога често се појавуваше на прес конференции во партискиот штаб. Во моментов неговото име може да се најде на сајтот на Европскиот унверзитет каде функционира како проректор за настава.

Александар Нацев е 47 миот осомничен за пожарот во Пулс во рамките на истрагата која обвинителството ја прогласи за завршена на крајот на минатиот месец, оставајќи простор да ја дополнува кога за тоа ќе обезбеди докази. Паралелно истрата против 14 полициски службеници води и обвинителството за организиран криминал и корупција. 
Во дисоктеката Пулс загинаа 62 лица а повеќе од 200 беа повредени.