Македонија
20. February 2026 - 14:35

Се огласи сопругата на градоначалникот на Скопје: Мојата чанта вреди 944 денари

Сопругата на градоначалникот на Скопје јавно реагираше по обвинувањата дека носи луксузна чанта вредна десетици илјади долари, тврдејќи дека станува збор за неточни информации и политички напади. Таа објави и фотографија од продавницата од каде што, како што вели, ја купила чантата.

Во својата објава посочи дека чантата не е брендот Hermès, ниту пак вреди 30.000 долари, како што, според неа, тврделе од СДСМ. Наместо тоа, истакна дека е купена на попуст од продавницата Obuca Metro за 944 денари и дека нема никаква врска со споменатиот бренд.

„Кога се нема аргументи, политиката се сведува на политиканство. Наместо да се зборува за работите што се важни за граѓаните и за тоа што е направено за Скопје, се вмешуваат семејства и личности кои не се директно во политиката, па дури и нашиот малолетен син, само за да се привлече внимание“, наведе таа.

Таа додаде дека обидите, како што вели, преку „евтини конструкции“ да се создаде наратив за луксуз и аздисаност со лаги и клевети се недолични. Иако посочи дека не сака да коментира политика, нагласи дека вмешувањето на потесното семејство и ширењето лажни информации не претставува политичка дебата.

Во објавата побара јавно извинување и повлекување на, како што ги нарече, невистинитите тврдења. Во спротивно, најави дека ќе ги искористи сите правни механизми за заштита на честа и угледот.

„Политиката не смее да се води преку лаги и лични дискредитации“, порача таа.