Македонија
20. October 2017 - 10:01

Се ближи голем празник: Црна Света Петка која штити од несреќи и болести

Иако ја викаат Црна света Петка, луѓето веруваат дека оваа светица ги штити од разни несреќи, но и од многу болести. Поради тоа, народот ја нарекува уште и мајка Параскева.

Православните верници ќе ја прославуваат света Петка на 27- ми. Ова е еден од празниците што нашиот народ најмногу ги прославува, а познат е и како Петковден. Се празнува во секој крај. Секаде има свои обичаи, но сите носат вино, лепче и пченица во црква.

Kултот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води. Петковден како домашна слава се празнува со служби посветени на св. Петка, а го празнуваат голем број македонски семејства.

На Петковден именден слават Петко, Петкана, Параскева, Пенка.

Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска. Сите три името го добиле бидејќи биле родени во петок кога (пред христијанството) Евреите се подготвувале да го одбележат празникот и неработен ден – сабота. Уште од тоа време Параскева значи подготовка.

Според житието на св. Петка Епиватска, таа е родена во Епиват во Тракија, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на 10 век. Нејзините родители биле од словенско потекло, побожни луѓе, па така ги одгледувале и своите деца. Параскева била многу мала кога покажувала интерес за монашкиот живот. Имала брат Ефтимие, кој подоцна станал епископ мадитски.

Параскева живеела со своите родители до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, па во јорданската пустина (денешен Израел) каде што живеела во пост и во молитва до староста. Се вратила во родниот Епиват каде што по две години се упоколила, според житието, во 11 век. Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во романскиот град Јаши.

Во Македонија култот кон света Петка особено бил раширен во Мариово. Населението верува дека св. Петка е заштитничка на луѓето, ги чува од суша, поплави, неплодност, громови и од многу други несреќи. Празникот Св. Петка повеќе го празнуваат жените.

Има уште два празника посветени на св. Петка – Преподобна маченичка Петка (Римјанка) и Преподобна маченичка Петка (Икониска). Се нарекува и Црна света Петка бидејќи светицата секогаш била облечена во црно.