Македонија
17. November 2016 - 14:54

Се асфалтираат дел од велосипедските патеки во Аеродром

Екипи на Град Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ ги оформуваат и асфалтираат велосипедските патеки од Рутата 2 од проектот „Скопје велоград 2017“.

Како што информира Град Скопје, денеска се асфалтираат велопатеките по должината на булеварот „Јане Сандански“, а интензивно се работи и на изградба на велосипедските патеки по должината на булеварот „Партизански одреди“, во делот на Буњаковец и кај Порта Влае.

Рутата 2 од проектот „Скопје велоград 2017“ е со вкупна должина од 11 километри и ќе ги поврзе општина Аеродром, преку општините Центар и Карпош, до општина Ѓорче Петров. Таа ги опфаќа булеварите „Февруарски поход“, „Видое Смилевски-Бато“, „Јане Сандански“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, кејот „13 Ноември“, плоштадот „Македонија“, булеварот „ВМРО“ и булеварот „Партизански одреди“ до Порта Влае.