СДСМ утре избира претседател - зошто Филипче нема ниту еден противкандидат?
СДСМ утре ќе го избира Венко Филипче како единствен кандидат за лидер на партијата. На редовните директни внатрепартиски избори за гласање се пријавени близу 23 илјади членови, бројка идентитчна со онаа на изборите во јуни. Филипче негира дека фактот што нема противкандидат е знак на партиско незадоволство. Напротив, вели дека токму големиот интерес за гласање покажува дека партија полека се консолидира.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски пак недостатокот на волја кај останатите истакнати членови на СДСМ да влезат во изборната трка може да се должи на тоа дека изборниот резултат е веќе познат. Но многу поважни ќе бидат локалните избори кои според Арсовски се првиот сериозен тест за лидерските способности на Филипче.
Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Ковачевски поради историски најлошиот резултат на парламентарните и претседателските избори. За разлика од утре кога ќе биде единствено име на гласачкото ливче, на претходните избори Филипче имаше тројца противкандидати, Деспотовски, Петровска и Бајдевски кои во предизборниот период обвинуваа за нерегуланости и нефер изборна трка, поради кои Петровска два дена пред изборите се повлече.
Но, и покрај ова Филипче победи со освоени над 50% од запишаните членови за гласање. По утрешните избори Филипче ќе има мандат од 4 години.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар