Свет
27. March 2023 - 10:29

СБ на ОН ќе гласа за руската резолуција за саботажата на Северен тек

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе гласа за руско-кинеската нацрт-резолуција за истрага за саботажата на гасоводите Северен тек 1 и 2, јавија руските агенции истакнувајќи дека има мали шанси документот да биде усвоен.

Во нацрт-резолуцијата, се испраќа предлог до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за формирање независна меѓународна комисија за спроведување на темелна, транспарентна и независна истрага за сите аспекти на саботажата на Северен тек 1 и 2, вклучително и идентификување на извршителите на саботажата, финансиерите, организаторите и нивните соработници.

Според руските медиуми, се очекува Гутереш за овие цели да назначи тим од експерти, односно комисија. Ако резолуцијата помине, Гутереш мора да ја спроведе во следните 30 дена. Документот, исто така, ги охрабрува државите да спроведат сопствени истраги и целосно да соработуваат со комисијата и да споделуваат информации.

Русија кон крајот на февруари ја подготви првата верзија на резолуцијата за Северен тек, но не ја стави веднаш на гласање, туку ги покани членовите на Советот за безбедност да разговараат за документот, што и беше направено.

Според извори на агенцијата ТАСС во ОН, нема генерален договор за рускиот нацрт, што значи дека најверојатно нема да биде усвоен.

За да биде усвоена, резолуцијата мора да биде поддржана од најмалку девет од 15-те членки на Советот за безбедност.

Доколку резолуцијата биде поддржана од осум членки, а САД гласаат против, тоа би значело дека Америка не го искористила правото на вето, но доколку резолуцијата добие девет или повеќе гласови, спречувањето на усвојување може да се постигне само со вето.