Свет
8. October 2016 - 9:25

СБ на ОН денеска ќе гласа за две предлог-резолуции за Сирија

Советот за безбедност на ОН денеска ќе гласа за две предлог-резолуции, со цел воведување примирје во сирискиот град Алепо. Едната предлог-резолуција е поднесена од Франција, во која се повикува на прекин на сириските и руските воздушни напади, и една на Русија, во која тие не се спомнуваат.

Прво ќе биде разгледувана предлог-резолуцијата поднесена од Франција.

Во текстот на руската резолуција се инсистира на „итно воведување примирје, особено во Алепо" и се повикуваат сите засегнати страни да дозволат достава на хуманитарната помош.

Постојаниот претставник на Велика Британија Метју Рајкрофт изјави дека руската предлог- резолуција е маневар на Русија, чија цел била „цинично да се одвлече вниманието од потребата да се прекине бомбардирањето на Алепо".

Дипломат од Советот за безбедност, кој побарал да остане анонимен, изјави дека руската резолуција „како форма содржи конструктивни формулации земени од претходните резолуции и од францускиот текст, но клучното е дека во неа не се повикува на прекин на воздушните напади", на што, според изворот, инсистираат „огромното мнозинство" од членовите на Советот за безбедност.

Текстот на Москва беше поднесен во Советот, набргу откако Русија предупреди дека е подготвена да стави вето на предлог-резолуцијата на Франција.