Савески: Одлуката за жалба за „Талир 2“ ќе биде донесена по анализа на пресудата, а Ленче Ристоска ќе постапуваше доколку не поднесеше оставка

Јавното обвинителство ќе донесе одлука дали ќе ја обжали ослободителната пресуда во предметот „Талир 2“ откога ќе ја добие и анализира писмено изработената пресуда и нејзиното образложение - изјави денеска државниот јавен обвинител Ненад Савески.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Обвинителството ќе поднесе жалба, Савески рече дека како и во секој друг предмет, најнапред ќе биде разгледано целокупното образложение на судската одлука.
- Не можам да ви одговорам сега бидејќи, како и во секој предмет, така и во овој, ќе се чека писмената верзија на пресудата. Целото образложение ќе се анализира и тогаш ќе се донесе одлука дали судот го убедил Обвинителството со својата одлука и образложение или не - истакна државниот јевен обвинител.
На забелешката дека Обвинителството вообичаено најавува жалба по ослободителни пресуди и дека дел од аргументите можеле да бидат слушнати и за време на усното образложение во судницата, Савески истакна дека лично не бил присутен на изрекувањето на пресудата.
Тој се осврна и на критиките од политички партии дека повлекувањето на овластувањата на обвинителката Ленче Ристоска влијаело врз исходот на предметот „Талир 2“ оценувајќи дека таквите тврдења не одговараат на фактите.
Според него, овластувањата што биле повлечени се однесувале на постапување обвинители во предмети за кои не биле надлежни во рамките на своето обвинителство, а Ристоска во конкретниот случај била надлежен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.
- Токму овој предмет, доколку таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Во овој предмет моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Доколку останеше, таа ќе работеше на овој предмет - потенцира Савески.
Тој додаде дека јавноста треба да ја слушне и, како што рече, „оваа страна од вистината“ нагласувајќи дека одлуката на обвинителката Ристоска да поднесе оставка била нејзина лична одлука.
МИА
Ново на Сител
-

РКЕ: Нови цени на горивата од полноќ, бензините поскапува за три, дизелот за шест денари
-

Димитриеска-Кочоска: Владата донесе одлука за намалување на акцизата на горивата
-

Милановиќ со критики за францускиот протокол: Вучиќ не требаше да биде сместен пред Пленковиќ на воената парада во Париз
-

Две лица загинаа и повеќе од 80 се повредени за време на прославите на светската титула на Шпанија
-

ЦУК: До 18 часот регистрирани осум пожари на отворено, еден сè уште активен
-

Трамп сака САД наскоро пак да бидат домаќини на СП во фудбал
-

МЗ: Забележано почетно намалување на бројот на новoпрегледани пациенти во Гостивар, активно се следи состојбата на терен
-

Бернам: На Велика Британија и треба нов политички и економски модел
