Македонија
12. October 2025 - 16:37

Сашо Стаменковски живее втор живот после трансплантацијата на црн дроб

По петгодишна тешка битка со цироза на црниот дроб, скопјанецот Сашо Стаменковски живее втор живот.

- После трансплантацијата се чувствувам многу добро за разлика од претходно, пред тоа бев во многу лоша ситуација, сега сум како да сум се родил по втор пат, ова ми е втор живот мене, изјави Сашо Стаменковски, трансплантиран пациент.

Маките на 50 годишниот Сашо почнале во 2020 –та кога му ја дијагностицирале тешката болест на црниот дроб. Потоа се јавиле  и компликации на други витални органи. Му бил вграден и сент. Секој ден одел по болници и пиел цела шака апчиња за да преживее.

- Повеќе во болница отколку дома бев, 5 години по болници нон стоп одев, се присетува Сашо.

Пред две ипол години го ставиле и на листата за трансплантација. Бидејќи никој во семејството не бил сроден дарител, требало да чека орган од кадавер. Во тешките моменти најголема подршка му била сопругата Елена. Никогаш нема да го заборават 12 јули кога им се јавиле од Клинички дека има црн дроб од починат донор. 

- Иако толку време чечавме орган, сепак тоа беше шок и тој требаше да си одлучи, но тоа беше единственото решение, вели Елена Стаменковска, сопруга на Сашо.

Трансплантацијата на скопските клиники траела повеќе од 5 часа.

- Прво бев среќен кога ги отворив очите и видов луѓе околу мене, рече Сашо Стаменковски.

Семејството Стаменковски изрази благодарност до сите лекари и здравствени работници кои го лекувале Сашо изминатите години. Позитивно изненадена од целиот тим за трансплантација е и сестрата на Сашо која живее во Шведска, каде 25 години работи како медицинска сестра.

- Многу мисли ми се вртеа во главата, како тоа ќе биде, како ќе се изврши. Јас не сум била во здравството во Македонија, не знаев ништо како тоа ќе се заврши, меѓутоа пријатно бев изненадена, многу бев радосна како тоа нашиот народ  и нашиот тим го направија, рече Славица Грба, сестра на Сашо.

На Европскиот викенд за органодонорство семејството Стаменковски повика што повеќе луѓе да донираат органи, зошто многу пациенти чекаат втора шанса за живот. Не се познаваат со фамилијата која и покрај загубата на нивната блиска, донела одлука да ги донира органите.

- Најголема благодарност до фамилијата на пациентот што беа донирани органите и сакам да упатам апел до сите хумани луѓе во нашата држава. Знам дека е многу тешко во тага да ги донираат органите меѓутоа да знаат дека многу луѓе чекаат орган, порача Елена, сопругата на Сашо.

Сашо е шестиот пациент на кој му е направено пресадување на црн дроб во Македонија. Се работи за една од најсложените операции која за прв пат во земјава почна да се изведува пред 3 години.