Самостојна изложба „Состојби“ на Славица Јанешлиева
Самостојната изложба „Состојби“ на Славица Јанешлиева вечер ќе биде отворена во Националната галерија на Македонија, мултимедијален центар Мала станица.
Во најновиот проект Јанешлиева се осврнува на контроверзните појави во општеството, на глобално и локално ниво. Користејќи предмети кои имаат секојдневна употреба, Јанешлиева со извесни интервенции им го менува значењето, со што тие стануваат знаковни носители на повеќе асоцијативни пораки, без оглед дали тие се однесуваат на проблеми кои се политички, социјални, образовни....
Славица Јанешлиева Бачварска е родена во 1973 година во Скопје. Во 1996 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. Зоран Јакимовски. Во 1998 магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. Димитар Малиданов. Од 2006 работи на Катедрата по графика на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Досега реализирала вкупно 23 самостојни изложби во Скопје, Битола, Гевгелија, Велес, Струмица, Куманово, Кавадарци, Босвил (Швајцарија), Братислава (Словачка), Утрехт (Холандија), Њујорк (САД). Учествувала на околу 200 групни меѓународни и национални претставувања низ целиот свет, како реузултат на селекции од меѓународни жири комисии, како и кураторски селекции.
Добитник е на тринаесет награди, од кои три се меѓународни. Нејзините дела се наоѓаат во колекциите на 17 музеи и галерии во Македонија, Србија, Полска, Фанција, Унгарија, Романија, Белгија, Финска, САД, Јапонија и Италија. Учесник е на бројни работилници, конференции, колонии и симпозиуми, автор и соработник на пет уметничко-истражувачки проекти, како и куратор/кокуратор на осум изложби.
Изложбата ќе биде отворена до 24 октомври годинава.