Преглед на вестите од светот
Русија објави дека ја презела контролата врз населбите Петривка и Илинка во регионот Доњецк, додека Украина истиот ден извести дека нејзините војници продолжиле да ги држат своите позиции и да ги попречуваат оперативните планови на руската армија. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили одбиле повеќекратни напади од украинска страна во правците на Харков, Авдиивка, Доњецк, Запорожје и Керсон, а исто така започнале многу офанзиви во текот на изминатиот ден.
Руските системи за противвоздушна одбрана соборија 55 беспилотни летала на украинската армија, соопшти Министерството. Во правец на Покровск, руската страна извршила 22 напади, а во некои области се уште се водат борби. Во правец на Курахове, украинската армија успешно возвратила 33 напади на руските војници, соопшти украинската страна.
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изрази уверување дека привременото отстапување територии на Русија ќе биде опција за брз крај на украинската војна.
Столтенберг рече и дека е важно владата во Киев да добие безбедносни гаранции во замена за привремени територијални отстапки.
Според него, тоа би можело да биде членство во Алијансата, но има и други начини за вооружување и поддршка на Украинците.
Американскиот претседател Џозеф Бајден соопшти дека го помилувал својот син Хантер Бајден во судската постапка против него за даночни прекршувања и во врска со носење огнено оружје, а својата одлука ја оправда со тврдењето дека неговиот син бил подложен на неправедно гонење.
Бајден рече дека потпишал помилување за неговиот син Хантер вчера, иако откако ја презеде функцијата рече дека нема да се меша во одлуките донесени од судовите и Министерството за правда.
Во помилувањето се наведува дека Бајден му дал „целосно и безусловно“ помилување на Хантер Бајден за какви било прекршоци помеѓу 1 јануари 2014 година и 1 декември оваа година.
Бајден оцени дека Хантер бил кривично гонет само затоа што е негов син.
Поројните дождови ги поплавија домовите, деловните објекти и патиштата на на грчкиот остров Родос во неделата, додека бурата „Бора“ ја зафати земјата втор ден.
Натрупани автомобили, оштетени домови, поплавени улици и жители кои се обидуваат да ја отстранат калта од нивните имоти е сликата по обилните дождови. Најавите се дека лошото време ќе продолжи и во понеделник, а честите поплави и шумски пожари во последните години за научниците е дека Грција станува „жешка точка“ за климатските промени.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар