САД и Јужна Кореја ќе одржат воени вежби со фокус на „агресијата“ на Северна Кореја
САД и Јужна Кореја месецов ќе одржат големи воени вежби, кои ќе траат повеќе од 10 дена и ќе вклучуваат амфибиско слетување, соопштија денеска официјални претставници од двете земји.
„Штитот на слободата е осмислен за јакнење на способностите за одбрана и одговор на Алијансата“, а се фокусира во рамките на сценариото на вежбата на работи како што се променливо безбедносно опкружување, агресијата на Северна Кореја и лекциите научени од неодамнешните војни и конфликти, рекоа сојузниците.
Двете војски денеска изведоа комбинирана воздушна вежба со најмалку еден американски бомбардер со долг дострел Б-1Б и јужнокорејски борбени авиони Ф-15К и КФ-16, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на Јужна Кореја.
Целта беше да се вежба координација и да се демонстрира американското „проширено одвраќање“ против заканите од Северна Кореја, соопшти Министерството.
Ваквите вежби во минатото предизвикаа силни реакции од Северна Кореја, вклучувајќи ракетни тестови и нуклеарни закани.
Северна Кореја вели дека ваквите заеднички воени вежби се доказ дека САД и нивните сојузници се непријателски настроени и подготвени за промена на режимот на Северот.
На прашањето за реакцијата на Северна Кореја, портпаролот на американските сили во Кореја, полковник Исак Тејлор, рече дека вежбите се рутински и со чисто одбранбен карактер.
Јужнокорејските официјални претставници истакнаа дека и Северна Кореја одржува годишни зимски вежби.
„Штитот на слободата“ ќе вклучува теренски вежби на размери што не се видени од 2017 година, пред поранешниот американски претседател Доналд Трамп да ги намали јавните вежби за да ја олесни дипломатијата со Северна Кореја.
Ново на Сител
-
Земјотрес со јачина од 3,4 степени во близина на Охрид
-
Патриоти за Европа нова група во ЕП или само ново име за десничарската Идентитет и демократија
-
Папата на католичка конвенција во Трст: Демократијата во денешниот свет не е во многу добра состојба
-
Илјадници Израелци денеска протестираа на автопатот меѓу Ерусалим и Тел Авив, блокирајќи крстосници и палејќи гуми
-
Следува период на многу топло време, температурата до 40 степени
-
Грчката фрегата во Аденскиот залив интервенирала и соборила дронови
-
Русија тврди дека уништила два лансири за ракети „Патриот“ во регионот на Одеса
-
Околу 50 лица се удавија, од кои седум деца, во руските реки, езера и мориња во последните 24 часа