Македонија
14. September 2018 - 8:19

САД и ЕУ: Историска шанса што не треба да се пропушти

 САД и Европската унија со силна поддршка за успех на престојниот референдум, закажан за 30 септември на кој граѓаните треба да се изјаснат за Договорот од Преспа и отворањето на европските и евроатланските интеграции на земјава.
 
Интензивираната дипломатска активности продолжува. Вчера во Македонија престојуваа високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини и помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел.
 
Тие се сретнаа со високи државни функционери, а пораката што ја пренесоа е  - граѓаните да ја искористат оваа историска можност за нивната земја да стане дел од ЕУ и НАТО. 
 
Мичел ја повтори силната поддршка на САД за Преспанскиот договор, на кој гледаат како на можност Македонија да стане 30. земја-членка на НАТО. 
 
- Македонија е пред историска шанса, опозицијата да ги охрабри граѓаните да гласаат. Денеска истата порака ја пренесов до сите Македонци со кои се сретнав. Македонија долго беше на патот кон западот и сега е време сите Македонци да го искористат своето демократско право, да бидат одговорни да гласаат за оваа историска можност. Сега е време да го кажете своето мислење, рече вчера Мичел. 
 
могерини заевСпоред Могерини, пак, клучевите на нашата иднина се во нашите раце, а ЕУ е отворена за нас. 

- Запомнете, на 30 септември кога ќе одите на гласачките места да гласате за референдумот дека Вие сте тие што ги држите клучевите на вашата иднина во вашите раце. Клучевите не се во рацете на никој друг, освен на Вас. Не дозволувајте некој друг да го стори тоа за Вас. Ве молам, не молчете пред вашата иднина, неможете да ја пропуштите оваа можност затоа што Вие сте одговорни за вашата иднина. Ова не се избори, ниту е нешто поврзано со политика. Мора да бидете сигурни и убедени дека кога ќе се разбудите следниот понеделник, односно на 1 октомври, дека сте направиле избор којшто ја засега вашата иднина, иднината на вашата земја и на вашите деца, изјави Могерини.

Високата претставничка на ЕУ во Скопје допатува заедно со премиерот Заев со ист авион, откако тој претходно на македонски јазик имаше обраќање пред Европскиот парламент.
 
Заев Могерини
 
Тоа беше прв пат македонски премиер да се обрати на македонски јазик во ЕП.
 
- За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е прв пат, еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент, на својот, мајчин јазик, рече Заев.

Премиерот Заев на европратениците и членовите на Европската Комисија присутни во салата ја објасни важноста за Македонија на склучувањето на Преспанскиот Договор, заблагодарувајќи му се и на неговиот грчки колега, Алексис Ципрас.

Заев Стразбур

Референдумот на 30 септември, рече Заев, е референдум за втора независност.

Во Скопје вчера престојуваше и шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати.

Тој по средбата со неговиот македонски домаќин, министерот Никола Димитров посочи дека Договорот меѓу Македонија и Грција има исклучително значење за демократската стабилност во регионот и за заедничката евроатлантска перспектива.

Упати апел до сите граѓани на Македонија, особено до Албанците кои живеат тука да дадат поддршка на историскиот Преспански договор.

Димитров

- Сите се согласуваме дека Албанците кои живеат во Македонија ќе бидат огромни поддржувачи на процесите кои течат и уште еднаш сакам да апелирам да излезат масовно да учествуаат во изградбата на иднината и на подобар живот тука. Во оваа насока ќе продолжиме блиско да соработуваме со цел да создадеме што подобра и поинклузивна средина, рече Бушати.

Европратеникот и известувач за Македонија во ЕП, Иво Вајгл претходно во разговор за МИА упати критика поради „негативниот став“ на опозицијата кон решението за спорот за името и нагласи дека стравува оти овој референдум може да е „последна шанса“.

Иво Вајгл

- Мислам дека сега е момент кога сите треба да застанат на иста страна, на страна на долгорочниот интерес на Македонија. Затоа што тешко е да се поверува дека некогаш повторно ќе се укаже така поволна прилика и дека ќе добие поддршка од сите меѓународни фактори за влез на Македонија во ЕУ и НАТО. Ако не успее овојпат се плашам дека е ова последна шанса, истакнува Вајгл.

Вајгл вели дека нејасниот став на ВМРО-ДПМНЕ всушност крие желба за неуспех на референдумот.

Известувачот за Македонија ги отфрла и аргументите според кои етничките разлики во ставовите кон референдумот претставуваат некаква опасност за државата и оценува дека етничките односи во земјата се „позитивни како што можеби и никогаш не биле“. Тој додаде дека гласањето на 30 септември не е етничко гласање, туку гласање за иднината на државата. 

Во посета на земјата денеска доаѓа државниот министер за Европа на германското МНР Михаел Рот. Тој во Охрид ќе има средба со неговиот домаќин Никола Димитров, по што двајцата ќе учествуваат на интерактивната дебата на тема „Македонија на патот кон ЕУ“.

В понеделник во земјава пристигнува и американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис.

Џејмс Матис

Тој веќе најави дека ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

- Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ, рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.

Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес во Македонија. 

Пред престојното плебисцитарно изјаснување на македонските граѓани земјава со силна поддршка за успех на референдумот и повик до граѓаните да го искористат своето демократско право ја посетија генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц, министерите за надворешни работи на Луксембур и на Холандија Жан Аселборн и Стеф Блок.

Минатиот викенд во Македонија беше и американскиот сенатор и претседавач на Комисијата за државна безбедност Рон Џонсон, кој е еден од коспонзорите на резолуцијата на Сенатот за поддршка на Договорот од Преспа.