Македонија
17. November 2025 - 12:19

Ревитализација на шумскиот фонд поради пожарите

Започнува акцијата за пошумување на опожарените подрачја во големите пожари кои изминатите години опустошија голем дел од шумскиот фонд во земјата. Во расадниците на ЈП „Национални шуми“ подготвени се 2 милиони листопадни  и зимзелени садници за ревитализација на оголените реони. Прва на ред е планината Серта, каде веќе се започна со пошумување со автохтони дрвја, а се прават и анализи за планината Готен, каде изгореа над 4000 ха ова лето.

- Таму сигурно нема да го пошумуваме делот што изгоре ова лето, се чека комисијата да излезе на терен и да ја утврди фактичката состојба. Јас сум сигурен дека таму нема да има дозвола за сеча на поголеми површини. Таму каде што е голо ќе се пошуми. Што се однесува до Серта, таму веќе имаме една сериозна обнова, изјави, Кире Михаилов, директор на ЈП „Национални шуми“.

Минатата 2024-та година, според податоците на Европскиот информативен систем за пожари, во Македонија се опожарени околу 95 000 ха. Најголема штета од пожарите имало во 2021-та, која според Министерството за животна средина, изгореле 6,800 ха високо квалитетна борова, храстова и мешана шума, чија вредност се проценува на 37 милиони евра. Годинава според се уште не официјални информации опожарени се 17.400 хектари, а висината на штетата дополнително ќе се утврдува. 

- Штетите се многу мали, во однос на пожарот во Малешевијата во 2021-ва. Ако тогаш изгоре висококвалитетна шума, оваа година можеби на целата територија на нашата држава нема толкава штета колку што имаше во 2021 само на тој пожар, додаде  Михаилов

Околу 90% од пожарите во Македонија се предизвикани од човечки фактор, намерно подметнати или проширени од запалени стрништа. Годинава МВР поднесе 46 кривични пријави, а уапсени се 66 лица кои се сомничат дека предизвикале пожари на отворено.