Македонија
1. April 2024 - 19:43

Регионот “врие” од морбили, кај нас многу со пропуштени дози на МРП

Морбилите од Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Италија многу брзо можат да ја поминат и границата со Македонија. Во овие земји секојдневно бројат новозаразени со мали сипаници а причината е малиот опфат со вакцинација.

Најалармантно е во Сараево каде имаат повеќе од 800 случаи. Кај нас иако голем број деца ја имаат пропуштено првата доза со МРП, ретко кој ги посетува пунктовите за имунизација. 

- Овие денови очекувавме да дојдат поголем број деца, бидејќи помина месец ипол, два од оној наплив за ДиТеПер и со оглед дека повеќе од половината од оние што имаа пропуштено ДиТеПер имаа пропуштено и МРП, меѓутоа нашите очекувања не се остварија, многу малку деца дојдоа, десетина на неделно ниво, вели д-р Сања Цилевска Младеновска, педијатар во пункт за имунизација во поликлиника Букурешт. 

Педијатрите стравуваат дека ќе ни се повтори 2019 кога имавме околу 2000 заразени и 4 смртни случаи поради компликации од морбили. Апелираат до матични лекари да не ги збунуваат родителите со одложување на вакцинацијата.

- Има ли такви што матичните им велат да ја одложат? – Тоа се неколку матични, да им велат, и еве апел до колегите да не ги збунуваат родителите бидејќи верувам не сакаат и тие да ни се повтори епидемија со морбили, вели д-р Младеновска.

Стравувајќи од епидемија на морбили, се уште трае борбата со ставање под контрола на големата кашлица. Нови случаи има секој ден а на болничко лекување се четири бебиња кои поради возраста мора да бидат под лекарски надзор. 

Иако со прогласување на епидемија на пертусис во Скопје имаше наплив од деца во пунктовите за имунизација, се уште има илјадници останати кои не ја примиле ревакцината со ДиТеПер.