Фудбал
4. јуни 2017 - 8:59

Реал ја одбрани европската титула

Фудбалерите на Реал Мадирд, во саботата, испишаа нова страница во историјата на Лигата на шампионите станувајќи првиот тим кој ја одбранил титулата откако елитното натпреварување се игра во ваков формат. Реал во финалето го декласира Јувентус со 4:1 (1:1).
 
Финалниот меч во Кардиф беше историско и по фактот дека е првото кое се играше со затворен покрив. Кристијано Роналдо стана првиот играч кој бил стрелец во три различни финалиња, а исто така го постигна 600-от гол во кариерата, во сите натпреварувања.
 
Стрелци на головите беа Кристијано Роналдо во 20. и 64.минута, Каземиро во 61. и Асенсио во 90.минута од натпреварот. Единствениот гол за Јувентус го постигна Манџукиќ во 27.минута.
 
Реал ја освои својата 12 титула европски првак, трета во последните четири години, додека Јувентус во своето деветто финале го доживеа седмиот пораз.
 
Јувентус беше тимот кој подобро влезе во натпреварот, поагресивно и офанзивно, поради што Кејлор Навас мораше да интервенира уште во третата минута. Најпрвин го одбрани ударот на Игуаин со глава, а две минути подцна без проблеми се справи со обидот на Аргентинецот од 20 метри.
 
Кејлор Навас беше на висина на задачата и во десеттата минута, кога од десниот агол успеа да ја избие топката во корнер по обидот на Пјаниќ од работ на шеснаесетникот.
 
Реал воспостави контрола на теренот и ја презеде играта по 15 минути игра, а пет минути подоцна Буфон кој до тој момент немаш контакт со топката беше принуден на капитулација.
 
 
 
Крос повлече контранапад ја префрли топката на десната страна до Карвахал, овој одигра двојно со Кристијано Роналдо, кој шутираше од прва, на патот до голот топката малку го закачи Бонучи и заврши зад грбот на Буфон.
 
Португалецот го постигна 11 гол во сезоната, во Лигата на шампионите, деветти во нокаут фазата и стана првиот играч во историјата кој постигнал барем по гол во три различни финалиња (2008 за Манчестер Јунајтед и 2014 за Реал).
 
По примениот гол, Јувентус повторно тргна во офанзива, а седум минути подцна Манџукиќ израмни со спектакуларен гол.
 
Долго Јувентус ја градеше акцијата, Пјаниќ го проигра Алекс Сандро на левата страна, тој нафрли кон Игуаин кој со гради ја спушти до Манџукиќ, а хрватскиот репрезентативец со „фати“ волеј преку глава и го погоди спротивниот агол од голот на Навас.
 
 
 
Манџукиќ постигна еден од најубавите голови во историјата на финалните натпревари, но останува впечатокот дека Навас можеше и подбро да реагира.
 
За хрватскиот напаѓач ова беше втор гол во финалните мечеви, претходно беше стрелец за минхенски Баерн во 2013 година.
 
Реал по примениот гол делуваше индиспонирано, Јувентус го контролираше натпреварот, но до крајот на првиот дел не успеа да создаде некоја посериозна шанса за постигнување на гол.
 
Рарите е што во првото полувреме голманот на Јувентус Буфон немаше ниту една интервенција.
 
Вториот дел започна со офанзива на Реал, а Јувентус делуваше загубено на теренот. Реал високо притисна на половината на противникот, а првиот обид го имаше Модриќ во 55.минута, кој лесно го скроти Буфон.
 
 
 
Меѓутоа офанзивниот пристап ма Рела му донесе резултат во 61.минута. На повратната топка од Бензема, налета Каземиро упати силен удар, топката на патот кон голот удри во Кедира и заврши во мрежата.
 
Јувентус не се опорави од шокот по примениот гол, а го стигна нов, три минути подоцна. Крвахал и Модриќ комбинираа по десната страна, Хрватот нафрли, на на првата статива Кристијано Роналдо беше побрз од Кјелини за 3:1.
 
Овој гол беше 600-ти јубилеен за Португалецот во сите натпреварувања, во кариерата.
 
По третиот гол на Реал целосно падна темпото на играта, Бејл имаше шанса во 75.минута, но Бунучи успеа да интервенира во последен момент.
 
Во 82.минута, Квадрадо наивно го доби вториот жолт картон. Колумбиецот во игра влезе 15 минути претходно.
 
Лемина имаше добра шанса во 83.минута но неговиот удар заврши крај голот на Кејлор Навас.
 
Конечниот резултат го постави Асенсио во последната минута. Реал ја преслика акцијата од третиот гол, само што овој пат се се одвиваше по левата страна, Марсело нафрли, а егзекутор беше Асенсио.