Разрешувањата во Судски совет ќе чекаат законски измени
Дамева, Црвенковска, Адеми, Чочарова – Илиевски и Мустафа – петте члена од Судски избрани од претходниот состав на парламентот, а за кои има силна критика од власта ќе бидат разрешни дури откако ќе се направат измени на Законот за судскиот совет. Законските измени се неопходни за да се создаде правна можност за нивна смена. Она на што се размислува е да се вметне негативен извештај за работата на Судскиот совет како основа за разрешување на членовите на независносто судско тело што се избрани од Собранието.
Сепак, како што неофицијално, велат од владејачкото мнозинство нема да се брза со измените за да се осмислат така да не можат да се оспорат пред Уставниот суд и дека треба да се очекуваат најарано во текот на февруари. За конкретните разрешувања пак, ќе треба да се чека некаде напролет.
Според сегашното законско решение, на член на Судски мандатот му престанува по шест основи, но ниедна од нив не предивдува предвремен прекин на мандатот поради незадоволителни резултати.
За членовите што се избрани од парламентот, дури и утврдувањето на трајна неспособност како основа за разрешување, повторно оди преку постапка што ја инцира самиот Совет.
Најавите дека ќе се менува составот на Судски беа интензивни пред Нова година. И премиерот Мицкоски, но и собранискиот спикер Гаши откако беше изгласан негативен извештај заработата на независното тело, највија разрешувања по новогодишните празници.
„Процедурата за разрешување на петте члена на Судскиот совет што ги избира Собранието се уште не е започната. Истата се очекува да почне откако ќе завршат сите консултации внатре во Собранието, но, и како што најави претседателот, консултациите со правни екстерти“, велат од кабиентот на Гаши.
Настрана овие законски измени што најверојатно ќе бидат пратенички предлог, измени подготовува и Министерството за правда. Тие ќе бидат во делот на дисциплинската одговорност, именувањето и разрешувањето на членовите на Судски, но ваквиот предлог се чека да стигне многу подоцна, дури во јуни.
Покрај овие законски измени од правда велат дека наскоро ќе поднесат и измени на Кривичниот законик за да се поправи „грешката“ со брзите законски измени направени во септември 2023 со кои се предвидуваше побрзо застарување на делата во кои обвинети се функционери.
„Тенденцијата е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика преку зголемување на постојните казни за кривичните дела „ злоупотреба на службена положба и овластувања“. Се планира и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување на некои нови кривични дела кои се резултата на современото општество и технологија“, велат од министерството на Филков за овие измени.
Токму брзите измени на Кривичниот законик неколку пати беа нотирани од Брисел како проблематични за борбата против корупцијата.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар