Дали во ИЈЗ се вработувале административци без положен испит за службеници?
Извештајот на Државниот управен инспекторат треба да ги потврди или отфрли сомнежите дали незаконски се вработувале админитративци во Институтот за јавно здравје. Инспектори вчера ја проверувале документацијата, по анонимна пријава дека вработени во одделот за администрација немале полагано испит за службеници што е законска обврска. Нивниот записник, што официјално констатирале и како да постапат го чека и директорката на ИЈЗ каде исто така имало анонимна пријава за истите неправилности при вработувањето на 15-тина лица.
- Го чекаме записникот од Управниот инспекторат и ќе постапиме по заклучоците онака како што налагаат позитивните законски прописи и ќе ја известиме јавноста за она што ќе го добиеме во записникот, изјави д-р Марија Андоновска, директор на ИЈЗ.
За инспекцијата во ИЈЗ денеска реагираа од ДУИ. Во писменото соопштение обвинуваат дека актуелната директорка се обидувала да ги омаловажи Албанците во ИЈЗ.
- Вонредниот инспекциски надзор на Државниот управен инспекторат, инициран врз основа на анонимна претставка со тенденциозна и антиалбанска содржина, не претставува ништо друго освен организиран обид за отстранување на албанските вработени и создавање амбиент во кој тие се третираат како граѓани од втор ред, се верли во писменото соопштение од ДУИ.
Андоновска пак вели дека воопшто не била изненадена од ваквата реакција на ДУИ чиј кадар 15-тина години беше директор на ИЈЗ. Таа повика да не се става етничка нота на целиот случај, туку да се почитуваат законите.
- Јавноста треба да знае дека ДУИ секогаш реагира кога треба да се прикрие незаконско работење, кримнинал, корупција. Да не се става етничка нота онаму каде што ја нема, туку законот треба да се почитува и да важи за сите подеднакво, вели Андоновска.
Зад директорката застанаа и од ВМРО-ДПМНЕ, во соопштението посочуваат дека таа се обидувала да спречи криминал и незаконско работење во Институтот.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар