Разрешениот директор на Неврологија немал активна лиценца за работа како доктор
Разрешениот директор на Неврологија немал активна лиценца за работа, потврдија од Лекарската комора. Истата му истекла на 15 март годинава, а барањето за продолжување го поднел дури минатата недела. Откако во петокот се појавија снимки како доктор Игор Кузмановски во домашни услови меша бела прашкаста материја и коментира за квалитетна дрога, од Комората информираат дека ги разгледуваат сите аспекти и прибираат информации и документација од надлежните институции што ќе бидат разгледани на органите и телата на Комората во најкус можен рок, по што ќе донесат одлуки и мерки што ќе се преземат.
Во меѓувреме министерот за здравство најави посебна комисија во министерството која треба да го испита менаџирањето на Клиниката изминатите два месеци додека Кузмановски беше директор, а Мој термин треба да провери колку пациенти и како биле лекувани од страна на неврологот во периодот додека лиценцата му била истечена. Вонреден надзор на Неврологија прави и ДСЗИ.
Дали после овој скандал кој повторно ја разниша довербата во здравството и предизвика бура реакции во јавноста се поставува прашањето, дали во склоп на систематските прегледи потребни се и токсиколошки анализи?
Од денеска нов директор на Неврологија е доктор Јован Божиновски, кој работи на клиниката.
И тој најави формирање на две интерни комисии кои треба да го испитаат административното и стручното работење на Кузмановски.
- Денеска ќе се формираат две интерни комисии на клиниката со што ќе се иницира внатрешен стручен надзор над работата на минатиот директор во период од 12 месеци со цел да се направи една објективна проценка за квалитетот на услугите и стручните препораки кои тој ги давал. Паралелно ќе се формира нова комисија за која ќе се процени административното работење во рамките на законските овластувања и работните прописи. Сето ова кога ќе биде разгледано јавноста ќе биде информирана за добиените факти, рече д-р Јован Божиновски, в.д директор на Клиниката за неврологија.
Вчера преку државната агенција беше објавено писмо за подршка на професорот Кузмановски од колеги од клиниката, без потписи, кои ги истакнуваат неговата висока стручност и успешно менаџирање. Денеска новоименуваниот директор рече дека не знае кој стои зад писмото, но потенцираше дека истото не е од стручниот колегиум на Неврологија.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар