Балкан
8. May 2019 - 19:34

Рама до Могерини: Албанија ги исполни критериумите и заслужува почеток на преговори

Албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес-конференција со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини изјави дека Албанија ја извршила домашната задача и заслужува почеток на преговори за членство во ЕУ.

– Убедени сме дека ги направиле сите домашни задачи. Албанија зборува со јазикот на резултатите и заслужува почеток на преговори, рече Рама.

Могерини изјави дека Албанја ја има целосната нејзина поддршка, но оти треба да се убедат земјите-членки да ги признаат резултати на Албанија. Таа ја повика опозицијата да не врти грб на сопствената улога, додавајќи дека „граѓаните не треба да бидат лишени од нивниот избор за претстојните локални избори”.

-Целта за почеток на преговорите е остварлива, но е тешко, бидејќи треба да ги убедите земјите-членки да ги признаат вашите резултати. Затоа ги охрабрувам сите во Албанија да продолжат да придонесуваат. Колективните напори бараат од сите страни да бидат обединети за европска интеграција и да се откажат од поделбите. ЕУ го повтори својот став: политичките партии не треба да и вртат грб на својата улога, а граѓаните не треба да бидат лишени од нивниот избор за претстојните локални избори. Ова е порака од сите институции на ЕУ, изјави Могерини.

Таа додаде дека лично и со нејзиниот институционален капацитет дала позитивни пораки, што според неа ќе се одразат во пакетот на ЕК кој ќе се усвои на крајот на овој месец, а потоа „топката ќе премине кај земјите членки“.

Премиерот Рама се задржа и на секојдневнте пораки на опозицијата дека локалните избори на 30 јуни нема да се одржат.
-Нема дискусија дека изборите ќе се одржат на 30 јуни. Ова никој не може да го доведе во прашање. Сигурно е дека на овој датум има избори и граѓаните ќе гласаат. На 30 јуни ќе избираме 61 градоначалник и Совети на општините. За тоа кој ќе учествува а кој не на изборите не знаеме. Но во едно сум сигурен дека на 30 јуни избори ќе има, порача Рама.

Тој и се заблагодари на Могерини, како и на оние во ЕК кои работат на подготовка на извештајот, и искажа длабоко убедување дека неговата земја ќе добие безусловна препорака.

На новинарско прашање околу тоа кој е неговиот став во врска со идејата за промена на границите меѓу Косово и Србија, Рама рече дека тоа е „ лага од огромни размери и опасна будалаштина“.