Работилница за правото на слобода и безбедност во кривичната постапка
Претставници од Судскиот совет и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, судии и јавни обвинители од сите апелациски подрачја, претставници од Бирото за застапување на РM пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и адвокати учествуваат на дводневната работилница за „Правото на слобода и безбедност во кривичната постапка“.
Целта на работилницата, како што рече директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Анета Арнаудовска, е споделување на најдобрите практики на ЕУ во поглед на заштитата на правото на слобода и безбедност (член 5 од Европската конвенција за човекови права) во кривична постапка.
Експерти од Хрватска и Бугарија на учесниците на работилницата им го пренесуваат своето знаење и искуство во поглед на заштитата на правото на слобода и безбедност во сите судски налози за притвор пред судење и други мерки според кривичното процедурално право, насочени кон обезбедување лица во кривична постапка. За време на практичната сесија, експертите ќе ги споделат и најдобрите практики за изготвување на судски налози и при спроведување на ЕУ директивите за процедурални права.
Домашната судска пракса пред учесниците на работилницата ја изложи судијата на Основен суд Скопје 1 - Скопје, Билјана Коцевска.
- Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи, која Република Македонија ја има ратификувано како земја членка на Советот на Европа претставува правно-обврзувачки документ за сите европски држави кои ја ратификувале и притоа се согласиле да обезбедат услови за остварување на основните човекови слободи и права на начин што преку домашното законодавство ќе гарантираат и обезбедат правна заштита на секој поединец, рече Коцевска.
Во контекст на тоа посочи дека во член 118 од Уставот на Република Македонија е пропишано дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Коцевска посочи дека ратификацијата на Европската конвенција и упатувањето кон неа како правообврзувачки документ не значи дека во практиката не се повредува оваа Конвенција, за што најдобра потврда, како што додаде, се постапките што се водат пред ЕСЧП.
Голем број апликации пред ЕСЧП, како што рече таа, се отфрлени бидејќи апликантите не ги исцрпеле сите правни лекови и механизми за заштита на своите права. Според судијката Коцевска тоа говори дека граѓаните не се доволно информирани во поглед на постапката пред ЕСЧП, што придонесува за неможноста да остварат заштита на своите права пред Судот во Стразбур.
Во поглед на член 5 од Конвенцијата кој се однесува на правото на слобода и безбедност, а во кој се пропишува дека секој човек има право на слобода и на безбедност, Коцевска вели дека „слободата“ како поим во овој член кореспондира со физичката слобода на поединецот. Во контекст на тоа додава дека Законот за кривичната постапка низ бројни одредби е во корелација со член 5 од Конвенцијата.
- Правото на слобода е многу важно за едно демократско општество и од тие причини на ова право му се дава големо значење во Европската конвенција, но и во практиката на Европскиот суд за човековите права“, истакнува Коцевска.
Судијата во Врховниот суд на Република Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО) Марин Мрчела и судијата во хрватскиот Врховен суд, Дражен Трипало пред учесниците на работилницата истакнаа дека според член 5 од Конвенцијата никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон и случаи утврдени во Европската конвенција за заштита на човековите права.
Мрчела и Трипало нагласија дека правото на слобода и безбедност е во првиот ред на основните права што ја заштитуваат физичката безбедност на поединецот.
Ваквите гаранции, како што додадоа хрватските судии, мора да бидат составен дел и од домашното казнено законодавство, но тие гаранции мора да се почитуваат и низ судската практика, затоа што тоа, всушност, е духот на она што претставува ЕСЧП.
Според Мрчела и Трипало секоја неусогласеност на националниот закон со Конвенцијата значи и неусогласеност на националниот закон со начелото на владеење на правото, начелото на уставноста и законитоста и начелото на монизам на националното и меѓународното право.
- Практиката на Европскиот суд за човекови права претставува најзначајниот облик на толкување на Европската конвенција за заштита на човековите права и сите прописи што се во сила се наоѓаат под неа, рече судијата Мрчела.
Владиниот претставник за застапување пред ЕСЧП од Министерството за правда на Република Бугарија, Мариа Димитрова истакна дека државата мора да ги почитува пресудите и да се придржува до механизмот на Конвенцијата за заштита на човековите права и владеењето на правото. - Ефективното спроведување осигурува помалку пријави до судот, поголемо признавање на обичајното право на судот на национално ниво, помало влијание на државниот буџет и севкупно подобар имиџ за земјата, додава Димитрова.
Работилницата е организирана од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации (ТAIEX) на Европската комисија.
Ново на Сител
-
Изгоре куќата на Александар Пандов – директорот на управата за извршување санкции смета дека е подметнат
-
Протест во Скопје на родителите на загинатите во дискотека во Кочани
-
Кочани повод за нова интерпелација за Тошковски за 100 дена
-
Тема на денот со Гордан Георгиев, Форум за разумни политики
-
Во странство остануваат 28 повредени во трагедијата во Кочани - Турција ќе прими до 15 за долготрајна рехабилитација
-
На Македонија и се заканува епидемија од морбили - опфатот лани помал од 2023
-
Ако цените од четврток скокнат - ќе има нови мерки!
-
Државна ревизија открива слабости во договорените јавно-приватни партнерства