Македонија
29. April 2025 - 19:58

Протест во Скопје на родителите на загинатите во дискотека во Кочани

Задоцнета реакција – 5 минути попладне почна протестниот Марш на ангелите. Семејства, роднини, пријатели, познаници од Кочани дојдоа во Скопје за да побараат одговорност за најголемата трагедија во историјата на Македонија, но и одговори од истражните органи до каде е истрагата.

Дел од родителите се одзваа на поканата на републичкиот јавен обвинител. Влегоа во Јавното обвинителство. Останатите повеќе од половина час бараа одговори од надвор.

Семејствата отидоа пред Собранието, а нивните претставници Јавното обвинителство останаа помеѓу час и час и половина. Родителите не сакаа да говорат јавно што се разговарало на средбата. Но допис испрати ОЈО.

-Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека  истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес, велат од ОЈО.

Пред Собранието говореа поголем дел од родителите. Споделија како е да се живее без најмилите.

Побараа и од пратениците да дојдат пред нив. Први беа пратениците од Левица.

Потоа дојдоа и пратениците од СДСМ. Ги пречекаа со свирежи.

По краткиот разговор со дел од родителите на настраданите, сепак, тие кажаа дека Филипче имал доблест што се појавил пред нив, за разлика од останатите народни избраници кои останаа во Законодавниот дом.

Од Собранието се упатија кон МВР. И министерот Тошковски ја напушти седницата на која се гласаше негова интерпелација.

Откако пристигнаа пред МВР побараа тој да излезе пред сите присутни и да изрази сочувство.

Тошковски дојде, но бараше од нив да влезат на средба внатре во МВР.

Дел од средбата со Тошковски беше отворена за јавноста, па присустваа и медиумите. Во вториот дел останаа само родителите. Од Тошковски побараа да каже до каде е истрагата, а тој им вети дека сите информации ќе ги објави за два месеци отсега, откако ќе заврши истрагата.

По повеќе од четири часа протестен марш низ скопските улици Тошковски по средбата ги испрати семејствата до автобусот.