Македонија
23. јуни 2016 - 15:19

Работилница во рамки на проектот „Градење на локални капацитети за креирање на младински политики“

Дваесетина млади и преставници од граѓански организации од општините Пробиштип, Чашка и Старо Нагоричане, учествуваат на дводневната обука која се одржува во комлексот Етно Село како дел од активности на проектот „Градење на локални капацитети за креирање на младински политики“, финансиран од ЕУ. Проектот го спроведуваат Фондацијата за претприемачки сервис за млади и Фондацијата Евро Центар во соработка со надлежните од трите општини.

- Идејата е да се подобри соработката помеѓу овие три таргет групи, помеѓу младите, граѓанските организации и општините и да се утврдат потребите на младите во овие општини, соработката помеѓу граѓанските организации, како и општините со кои соработуваат со цел подобро имплементирање и креирање на локални младински политики кои што ќе ја подобрат социо-економската положба на младите, изјави Софија Цало Кузманова, проектен менаџер.

Проектот предвидува формирање на три заеднички форуми составени од преставници на општините, граѓанските организации и младите кои ќе ги дефинираат и имплементираат локалните мерки.

- Овие општини се избрани од повеќе причини, запазена е и различната етничка структура во трите општини. Сакавме да го видиме искуството на младите, нивното познавање, нивната сличност или разлика, особено во соработката со локалната самоуправа. Идејата ни беше да видиме дали има соработка, а потоа согласно изработената студија која ги дефинира слабите страни каде треба да се работи ќе се преземаат мерки да се зајакнат, изјави Даниела Петрушева Андонова, извршен директор на Фондација Евро Центар од Старо Нагоричане.

Таа додаде дека преку проектот ќе се покаже начинот на кој треба да се работи со младите. Како пример ја наведе општина Старо Нагоричане со пет илјади жители и 36 села.

Проектот започнал со утврдување на проблемите и потребите, кои ја ограничуваат економската независност на младите од трите општини, по што граѓанските организации и креаторите на младинските политики, ќе ги насочат идните активностите и мерките кои треба да бидат во согласност со приоритетите на Националната стратегија за млади.