Македонија
15. October 2024 - 16:42

Дали и кој ќе одговара за смртта на 14 месечното бебе по утврдените недостатоци од стручниот надзор?

Ниту Лекарската Комора ниту обвинителството ги добиле извештаите од Комисијата кои констатирале стручни,системски и технички недостатоци за смртта на 14 месечното бебе од Гошинце. Специјалистите кои на трети биле дежурни на Клиниката за детски болести и направиле превид  во проценката за хоспитализација на 14 месечното бебе кое почина два дена подоцна, одат на работа. Менаџментот по изјаснување на Комората ќе одлучи какви мерки ќе преземат. Оттаму, пак, чекаат да прочитаат што има во извештајот за да знаат како да постапат.

- Лекарската комора со загриженост го следи настанот за кој се интересирате. Во однос на активностите што ќе ги преземеме, засега може да кажеме дека откако ќе го добиеме извештајот од Министерството за здравство, ќе биде разгледан во Комората, а што ќе се преземе понатаму зависи од неговата содржина, велат од ЛКМ.

Трагичниот епилог за бебето од Гошинце извади на површина и други слабости во здравствениот систем. Немање на алгоритми за тријажа како и потреба од континуирана обука за срцево респираторна поддршка на докторите на Детска. Дали ќе остане само на констатирани недостатоци или ќе има подобрување на лекарските услуги?

-Во делот на системските прашања кои се задача за нас, секако ние веднаш почнавме да преземаме меркии сме во тек за да се подобрат, односно адресираат прашањата што беа посочени во извештајот. Беше наведено дека нема алгоритми за тријажа? Тоа прашање, јас незнам дали на некоја клиника има насоки кој треба а кој не да биде хоспитализиран, тоа е веќе стручно прашање и одлука на стручниот тим кој работи односно дежураа тна клиниките, вели д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести.

Вчера министерот за здравсто кажа дека во Клиниката Козле каде бебето било хоспитализирано пред да го транспортираат на Детска, има потреба од неинвазивна и инвазивна апаратура за пружање на респираторна поддршка. Од оваа установа коментираат дека никогаш и немале опрема за интубирање, додека, пак, на социјалните мрежи има коментари како може Клиника за респираторни заболувања кај деца да нема респиратор.

Бебето од Гошинце почина од опструктивна бронхопневмонија на 5 ти октомври во утринските часови на Детска каде било транспортирано од Козле во многу лоша состојба и со многу ниска сатурација.