Loading Video...
Фудбал
18. May 2020 - 16:14

Прволигашкиот фудбал сепак ќе зависи од идните препораки на здравствените власти

Откако минатата седмица Министерот за Здравство, Венко Филипче најави постепено олабавување на мерките, кои со нетрпение особено ги очекуваат спортистите, пред се фудбалерите, денеска раководството на ФФМ одржа консултативен состанок со претставниците на клубовите од ПМФЛ.
 
Заклучокот е единствен. Ќе мора да се почека на препораките и мерките од протоколот за одржување тренинзи и одигрување натпревари кои ФФМ требна да ги добие од координативниот кризен штаб за справување со пандемијата. 
 
На состанокот кој се одржа на отворено, односно на терените од тренинг центарот „Петар Милошевски“, а на кој покрај раководството на ФФМ учествуваат и сите претставници на десетте клубови од Прва македонска фудбалска лига, едногласно беше констатирано дека поради ограничената временска рамка и роковите кои се наметнати пред се од УЕФА, нема услови да се одиграат сите преостанати натпревари до крајот од тековната сезона во која има уште 13 натпреварувачки кола и реванш полуфиналните и финалниот дуел од Купот на Македонија. 
 
По добивањето на протоколот за заштита од Корона вирус, од страна на надлежните државни органи, федерацијата и клубовите ќе излезат со заеднички став околу евентуалното продолжување на првенството во скратен формат или целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020, се вели меѓу другото во официјалното соопштение на ФФМ. 
 
Од „куќата на фудбалот “ најавуваат дека веќе е во процес на изготвување на протокол за одржување на тренинзи и одигрување на натпревари во услови на Ковид-19, а истиот ќе го презентира пред надлежните здравствени институции.
 
Состанокот имаше консултативен карактер во однос на начинот и предлозите за завршување на прекинатата натпреварувачка 2019/2020 сезона од Прва МФЛ. 
 
Конечна одлука за натпреварувачката сезона, ФФМ заедно со клубовите ќе донесе на нов состанок во најскоро можно време, првенствено чекајќи ги одлуките на нашите државни органи, а истовремено запазувајќи го и рокот на УЕФА, односно терминот до 25 мај, националните федерации да донесат конечни одлуки.