Даку се извини - УЕФА почна постапка за санкции
Албанскиот фудбалер Даку се извини но тоа веројатно нема да го спаси од дебела казна од УЕФА за скандалозниот испад по ремито со Хрватска кога ја повика публиката да ги навредува Македонците
Даку по острите реакции вчера се јави со пост на социјалните мрежи. Во најголемиот дел од него објаснуваше колку е среќен што игра на првенството под мотото Албанија без граници.
„Ако навредив некого по мечот со Хрватска, тоа беше затоа што атмосферата си го направи своето. Машки е да се извиниш и чувствувам морална и професионална обврска да го направам тоа за сите оние кои беа повредени“ – напиша Даку на социјалните мрежи.
Дел од навивачите можеби и ќе го прифатат неговото извинување но на УЕФА тоа не и значи многу имајќи предвид дека истрагата е веќе почната а освен против Албанија, истрага се води и против Хрватска откако за истиот меч, вчера доцна вечерта пријава до генералниот секретар на УЕФА Теодоридис против двете федерации стигнала од фудбалската федерација на Србија. Србите тврдат дека и албанските и хрватските навивачи заедно скандирале навредливи рефрени против Србија во текот на мечот, момент на кој УЕФА во последните години посветува значително внимание во својата кампања против сите облици на расизам и национализам. Вчера, барање за реакција од европската куќа на фудбалот упати и македонската фудбалска федерација.
Ако биде повторно казнета, тоа ќе биде втора казна во два меча за федерацијата на Албанија на ова европско првенство. По првиот меч кој Албанците го изгубија од Италија федерацијата доби казна од 37.000 евра за палење на српски знамиња, пиротехника и недолично навивање.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар