Првите полски туристи од Вроцлав слетаа на аеродромот во Охрид, почнуваат две нови авиолинии од Вроцлав и Катовице

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид денеска ги пречека првите 239 патници од Вроцлав, Полска, кои пристигнаа со новата авиолинија на авиокомпанијата Wizz Air. Со ова официјално започна сообраќањето на новата редовна линија меѓу Охрид и еден од најатрактивните полски градови.
По повод првиот лет, ТАВ Македонија организираше свечен пречек за патниците, кои беа послужени со традиционално охридско ѓомлезе од хостеси облечени во македонски народни носии, претставувајќи дел од локалната култура и гостопримство.
Новата авиолинија Охрид – Вроцлав ќе сообраќа двапати неделно, секоја среда и недела. Од ТАВ Македонија најавија дека веќе на 9 јуни ќе започне и новата линија од Катовице, која ќе се реализира двапати неделно, а во шпицот на летната сезона и трипати неделно.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека новите авиолинии претставуваат значаен чекор во зајакнувањето на меѓународната поврзаност на Охрид и развојот на туризмот.
-Новите линии од Вроцлав и Катовице до Аеродромот „Свети Апостол Павле Охрид“ претставуваат силен поттик за понатамошен развој на туризмот во Охрид, како и за продлабочување на економските и културните врски меѓу Македонија и Полска. Очекуваме овие дестинации значително да придонесат за зголемување на бројот на посетители и за подобрување на видливоста на Охрид на европската туристичка мапа. Исто така, ги охрабруваме македонските патници да ги откријат двата живописни полски градови- изјави Курт.
Вера Јардан, менаџер за корпоративни комуникации во Wizz Air, оцени дека новите линии ќе понудат повеќе можности за патување и ќе придонесат за раст на туристичката размена меѓу двете земји.
-Со задоволство го прославуваме отворањето на двете нови авиолинии на Wizz Air што го поврзуваат Охрид со Вроцлав и Катовице, дополнително зајакнувајќи ја поврзаноста на Охрид со Полска. Овие нови услуги ќе обезбедат повеќе можности за патување за патниците, а воедно ќе придонесат и за пораст на туризмот меѓу двете земји. Уверени сме дека обете линии ќе бидат топло пречекани од патниците на двата пазари и сме благодарни на сите патници што продолжуваат да го избираат Wizz Air и да летаат со нас за да откриваат нови дестинации- изјави Вера Јардан.
Авиокомпанијата моментално опслужува летови од аеродромот во Охрид до осум дестинации, вклучувајќи ги и двете нови рути: Вроцлав, Катовице, Дортмунд, Меминген/Минхен, Базел-Милуз, Штутгарт, Милано-Малпенса и Братислава.
Во текот на летниот распоред на летови, 8 авиокомпании ќе опслужуваат летови до 17 дестинации од Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид. Од нив, 14 се редовни и сезонски авиолинии, додека три се чартер-летови.
МИА
Ново на Сител
-

Велика Британија ќе ги забрани социјалните мрежи за деца помлади од 16 години
-

Од следната недела значително намалување на цените на бензините - очекува Мицкоски
-

Мицкоски: Раст на индустријата од 7,5% во април, тоа е лоша вест за оние кои не сакаат државата да успее
-

Мицкоски за најавените преговори на ЕУ со Украина и Молдавија: Опозицијата во овие две земји не работи против своите граѓани и влади
-

Мицкоски: За две години имаме исплатено една милијарда денари повеќе субвенции отколку претходната за три години
-

Лани изградени 3 733 станови, со просечна површина од 75 метри квадратни
-

До крајот на неделава сончево, повремено со дожд и температура до 36 степени
-

СДСМ: Власта донесе катастрофа во земјоделството
