Првичен оптимизам по новата рунда разговори за името
- По тригодишен застој во вторникот во Брисел се одржаа разговори меѓу медијаторот на ОН Метју Нимиц и претставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, во обид да се најде решение за прашањето за името на Македонија.
Нимиц по разговорите излезе со став дека прашањето треба да се реши во 2018 година, но оти „нема волшебно решение за ново име што може да се појави од никаде и да го реши прашањето“.
Медијаторот, меѓутоа, не кажа, дали на средбата излегол со нов предлог.
По три години застој, разговорите за надминување на проблемот со името сега добиваат нова динамика, откако Нимиц изјави дека во текот на следните месеци средбите ќе станат уште поинтензивни и предвидени се разговори со преговарачите во јануари, февруари и март во Њујорк, иако можно е да се одржат и на европска територија.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров изјави дека нема никаков нов предлог за името, туку дека на средбата во Брисел е утврдена интензивна динамика на консултации.
Според него, настојувањето на Грција прво да се затвори проблемот со името, а потоа да се отвори вратата на Македонија кон ЕУ и НАТО, е стравот дека доколку се случи обратното, ние ќе најдеме начин да не ја надминеме разликата околу името.
И премиерот Зоран Заев, на прашањето да даде коментар на пишувањата на грчките медиуми за предлогот „Нова Македонија“, рече дека „немаме стигнато до таму да разговараме за некои нови имиња или слично“.
Првата средба во спорот стар речиси три децении, не може да даде целосна слика за подготвеноста на Грција за компромис, иако двете страни покажуваат оптимизам за негово решавање, наведуваат дипломатски извори.
Додаваат дека во моментов не е корисно да се шпекулира со конкретен предлог за име, бидејќи идентитетот е најважен, но исто така, и отворената перспектива на ЕУ и НАТО.
Промената на името на аеродромот во Скопје не би требало да биде проблем, како можен прв чекор или гест на добра волја од македонска страна со која ќе ја покаже подготвеноста за изнаоѓање решение.
Дипломатите наведуваат дека овој исклучително важен процес е отежнат од случувањата со опозицијата, односно наративот што досега се користеше во јавноста, што само придонесуваше за зајакнување на офанзивниот пристап на Атина. Воспоставување внатрешен консензус не е лесен процес, со оглед на тоа што голем број од носителите на одлуки од редовите на опозицијата се соочуваат со судски постапки, во врска со настаните од 27 април, а исто така и грчката Влада нема единствен став во однос на прашањето, со оглед на позициите за името на министерот за одбрана Панос Каменос.
Експертите генерално со позитивни реакции
Нано Ружин, ректор на Универзитетот ФОН и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, е оптимист дека спорот може да биде решен следната година, за што вели дека во моментов во прилог одат и внатрешните и надворешните фактори.
- Сега можеме да бидеме комплетно оптимисти, затоа што според филозофијата на дипломатските преговори, постојат одредени фази, механизми, правила, а еден од основните предуслови за решавање е да постои една структурирана атмосфера, вели Ружин.
Вели дека Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас се лидери ослободени од национализам и националистички претензии, нешто што според него го отвора патот за пронаоѓање решение, а што беше голем блокатор не само за името, туки и за развојот на целокупните билатерлни односи.
- Во преговорите се земаат предвид и ризичните моменти, ризични ситуации, политичка промена. Тоа се работи за кои треба да гарантира меѓународната заедница, вели Ружин и додава дека доколку се реши прашањето меѓународната заедница ќе треба да ги награди Заев и Ципрас.
Амбасадорот Ѓорѓи Филипов, за МИА оценува дека изјавата на амбасадорот Метју Нимиц, дадена по средбата со преговарачите на Македонија и на Грција се разликува од сите досегашни, имајќи ја предвид прецизната временска рамка која беше спомната од него, односно дека тој проблем „може и би требало или треба да биде решен” следната година.
- Прашање што постојано се поставува е: дали навистина од двете страни ќе се направат интензивни напори за да се дојде до решение имајќи го предвид консензусот на сите релевантни политички сили до кој мора да дојдат владејачките партии во секоја од земјите, особено ако се опстои на предлогот тој да „мине” и на референдум, вели Филипов.
Што се однесува до разните предлози околу евентуалното „ново име”, што би се употребувало место референцата ”Поранешна југословенска Република Македонија”, амбасадорот Филипов се оградува од коментар зашто досега, посочува, ниту грчки, ниту македонски официјални претставници на власта не спомнале таков предлог. Сепак, нагласува, каков и да е предлог на маса за него треба да има издржано објаснение.
Тој е дециден дека притоа, во јазикот и меѓународно усвоените ознаки, македонски (Мацедониан), „МК“, односно „МКД“ за земјата, означувањето на националноста т.е. етничката припадност („Македонец, Македонка”, Мацедониан) треба безусловно да останат.
Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, за МИА изјави дека „не треба да се надеваме дека решението на проблемот за името ќе дојде само по себе, туку треба да направиме се до него да се дојде“.
- Ако ја изгубиме и следната година, наскоро ќе бидеме во ситуација сите соседи да ни се во НАТО и ЕУ, а ние да останеме изолиран остров и проблемот се уште да постои, вели Ристевска-Јорданова.
Според неа, тешко се враќаат изгубените позиции на меѓународен план, внатрешниот политички баланс е кревок, при што отежнато ќе биде градењето внатрешен консензус по тоа прашање. Таа оценува дека треба да се внимава да се дојде до решение кое сепак ќе биде прифатливо за Македонија, а нема да биде доживеано како пораз.
Поранешниот амбасадор во САД и долгогодишен преговарач во спорот со Грција за името Зоран Јолевски, за МИА изјави дека потребно е да се вложат сите напори во процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција за да се најде заемно прифатливо решение околу спорот со уставното име, кое ќе ги заштити идентитетот и дигнитетот на граѓаните на Република Македонија.
- Главна задача на цел тој процес е да се искористат сите можни моменти за да се најде решение, вклучувајќи и редовни состаноци, поради што оваа најава е позитивен сигнал, вели тој.
Смета дека е важно да се согледа дали и кај грчката страна постои подготвеност да се најде решение и додаде дека изминатиот период има позитивни изјави од грчката страна, но додава дека е рано да се говори за целокупниот процес.
Грчки медиуми - очигледно е забрзувањето на процесот за надминување на спорот
Грчките медиуми излегоа со првични позитивни реакции по новата рунда разговори во Брисел, истакнувајќи дека е очигледно забрзувањето на процесот за надминување на спорот, но оти таквото раздвижување на меѓународен план може да предизвика сериозни проблеми во коалициската влада на премиерот Алексис Ципрас.
Според Ин.гр, САД поставиле рок до летото да се најде решение, а во спротивно ќе следи влез во НАТО под референцата ПЈРМ. Сепак, тоа отвора прашање како Каменос ќе реагира доколку биде понудено комплексно име и дали би излегле од Владата, имајќи предвид дека тој досега остро се противеше зборот Македонија да биде содржан во името на северниот сосед, наведува сајтот.
„Катимерини“ ја пренесе изјавата на директорот за Дијалог за Југоисточна Европа при Универзитетот Колумбија, Давид Филипс, кој е поранешен советник во Стејт департментот во време на претседателите Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама, дека односите меѓу Атина и Скопје се во својот зенит и дека 2018 година е важна поради можноста да се дојде до решение што ќе биде од корист и на двете страни.
Онлајн изданието „Еифимерида“ пишува дека нешто се движи во Скопје и дека забрзано се бара решение на проблемот со името. Првата половина на 2018 година е идеално време за решавање на проблемот со името, бидејќи во јуни и јули се одржуваат ЕУ и НАТО самити, на кои САД очекуваат да биде решена евро-атлантската интеграција на Македонија, но според „Еифимерида“, сето тоа е под претпоставка проблемот со името и ветото од Грција да бидат надминатини.
Пред да почнат разговорите во Брисел, грчката телевизија „Стар“ објави дека „Нова Македонија“ е предлогот за кој ќе се разговара во Брисел. Во прлигот на телевизијата се наведува дека „доколку Скопје се согласи со овој прелог ќе се отвори патот за решавање на прашањето на името во првата половина на 2018“, како што најавија и премиерот Алексис Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас.
„Стар“ наведе дека првичниот грчки предлог бил „Вардарска Македонија“, но сега се дошло до предлогот „Нова Македонија“, како што било во т.н. пакет „Пинеиро“, што тогаш бил одбиен.
Име со географска одредница како „Северна Македонија“ не е прифатливо за грчката страна, бидејќи, како што се наведува, не би го спречил иредентизмот на Скопје и имплицира постоење и на јужна Македонија, што не е прифатливо и за Бугарија. Притоа се потсетува на изјавата на Ципрас за „Стар“ дадена по стапувањето на власт, во која вели дека Грција згрешила што пред 20 години не го прифатила пакетот „Пинеиро“ кој предвидувал сложено име со географска одредница, што според него, би било добро решение за спорот.
Последната формална рунда разговори на медијаторот на ОН со преставниците на двете земји беше одржана во Њујорк во ноември 2014.
Ново на Сител
-
Сиљановска Давкова се сретна со претседателот на црногорското Собрание, Андрија Мандиќ
-
Зеленски го потпиша буџетот за 2025 со 60 проценти од трошоците за одбрана и безбедност
-
Мицкоски: Добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници во Судскиот совет
-
Претседателката на Судскиот совет Дамева реагира на обвинувањата за продолжување на мандатот
-
Индија тестираше балистичка ракета од нуклеарна подморница
-
Сиљановска Давкова – Милативиќ: Да се интензивира економската соработка
-
Почна судењето против Вангелица Илијевска, обвинета за убиство на сопругот и свекорот во Кратово
-
Путин: Нема да дозволиме Киев да стане нуклеарна сила