Македонија
7. јуни 2016 - 8:53

„Прошетка низ руската литература“ во НУБ „Свети Климент Охридски“

„Прошетка низ руската литература“ е насловот на осмиот настан во рамки на серијалот „Денови на светската книжевност“ што го организира денеска Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје во соработка со Рускиот центар при УКИМ и со поддршка на македонското Министерство за култура и Амбасадата на Руска Федерација. 

Според организаторот, насловот не е случајно избран со оглед на фактот дека станува збор за литературна традиција чии почетоци датираат од средината на 10 век и која е позната и ценета низ целиот свет.

Гостин предавач ќе биде Емил Ниами, актуелен раководител на Рускиот центар при УКИМ. Предавањето претставува кондензирана информација за патот кој го има поминато руската книжевност низ вековите. Во „прошетката“ Емил Ниами ќе зборува за древната и средновековната руска литература, познатите руски сказни, руската литература од 18 век, Златниот и Сребрениот век, сѐ до најзначајните претставници на советскиот период и современоста. Особено внимание ќе биде посветено на четворица големи писатели: Александар Сергеевич Пушкин, Николај Васиљевич Гогољ, Ана Андреевна Ахматова и Михаил Афанасјевич Булгаков.

- Во Русија 6 јуни се прославува како Ден на рускиот јазик или кај народот познат како Денот на Пушкин, датумот на раѓањето на овој голем писател. Неговите дела се познати низ целиот свет, а во Русија се смета за најголем писател на сите времиња. Оваа година се навршија и 50 години од смртта на Ана Ахматова, една од најпознатите поетеси во светот, претставник на акмеизмот. Николај Васиљевич Гогољ, кој е добро познат на македонската публика, пред 190 години првпат го видел отпечатено своето ремек-дело „Ревизор“, драма која до денешен ден е една од најпоставуваните на театарските сцени ширум светот. Конечно, во јубилејната група, ќе се запознаеме и со творештвото на Михаил Булгаков, исклучително плоден и ценет писател, автор на безвременскиот роман „Мајсторот и Маргарита“ кој минатата година на сцената на МНТ го постави македонскиот режисер Иван Поповски, стои во соопштението за настанот.

Предавањето, како што се најавува, нема да се заснова на „голи“ факти, туку на интересни моменти, за кои македонската читателска публика е малку запознаена, а кои ќе го привлечат вниманието кон богатата руска литература.

На настанот сите посетители ќе можат да ги разгледаат и/или купат книгите од руските автори преведени на македонски јазик, објавени во капиталните издавачки проекти.