Бизнис
21. August 2018 - 19:45

Просечната плата во јуни за 300 денари помала отколку во мај

Пад на платите во земјава. Статистика објави дека просечната исплатена нето плата во јуни изнесува 24.203 денари и е пониска за 1,3% споредено со мај. Или, вработените биле платени за 306 денари помалку. Најголем пад на платите, од дури 14% се забележува кај дејностите врзани со финансии и осигурување.

Од друга страна, статистиката покажува дека на годишно ниво просечната нето плата е зголемена за 6,1%. Економистите ваквиот раст го врзуваат најмногу со законски пропишаната минимална плата.

“Во основа има сезонски флуктуации и низ текот на една година имаме и пад и раст на платите. Има огромни фактори што влијаат на тоа. Еден фактор што сигурно влијае се измените од Законот за минимална плата што поттикна раст на платите особено во трудоинтензивните сектори, особено кај текстилната, кожарската индустрија, рударството итн”, изјави Иван В’чков, економски аналитичар од Фајнанс Тинк.

Дека минимално пропишаната плата е најголем причинител за растот на нето примањата на годишно ниво потврди и министерот за финансии.

“Растот е забележан во повеќе индустрии, како стручни, научни и технички дејности, уметност и рекреација, но и кај трудоинтензивните дејности.
Ова јасно покажува дека мерките на Владата, а особено растот на минималната плата доведоа до притисок на растот на сите плати”, се огласи министерот Драган Тевдовски.

Институтот за економски истражувања, Фајнанс Тинк, објави анализа што покажува дека во последните 15 години платите пораснале за 73%, наспроти растот на профитите на компаниите од 261%. Велат дека компаниите се помотивирани да инвестираат во акумулација на капиталот, а помалку во трудот.

“Една од причините е дека имаме поголема понуда на работна сила во Македонија со оглед на сè уште високата невработеност и нискиот човечки капитал како што се вештините и знаењата на луѓето. Мора да се потенцира дека тука се прикажува додадената вредност на капиталот или профитот, но во сонова не знаеме каде оди тој капитал. Делумно овој капитал на приватниот сектор сигурно се реинвестира во нови погони и нови инвестиции”, објаснува Иван В’чков.

Едно од предизборните ветувања на оваа Влада беше дека просечната плата во земјава ќе стигне до 30.000 денари до крајот на нивниот мандат.