Македонија
9. March 2016 - 16:11

Проект за интеграција на припадници на етничките заедници во администрацијата

Правичната застапеност не само што обезбедува вработување во јавниот сектор и можност на сите заедници да учествуваат во донесувањето на одлуки на сите нивоа, туку значи и подобри услуги за граѓаните, покажа истражувањето што го направи Институтот за европска интеграција во рамки на проектот за „Соодветна и правична застапеност и интеграција на работното место“.

Во тој поглед подобри услови и подобрена работа на администрацијата, како што се наведува во клучните наоди во ова истражување, се некои од главните придобивки од спроведувањето на правичната застапеност за една третина од испитаниците.

Сепак, како што беше истакнато на денешната конференција, доминатно мислење меѓу учесниците во истражувањето од оваа студија е дека целите на Охридскиот рамковен договор за правична застапеност не се постигнати иако 66,8 отсто од испитаниците веруваат дека правичната застапеност придонесува кон имплементација на целите на договорот. За тоа дали услугите се подобри и дали е подобрена работата на администрацијата постојат различни гледишта по етничка линија. Спротивно на сите немнозински заедници, македонските испитаници не го перципираат напредокот на услугите на немнозинските заедници како резултат на спроведувањето на овој принцип. Речиси половина од испитаниците веруваат дека за пет години меѓуетничките односи ќе бидат одлични. Според истражувањето, членови на албанската и турската заедница во помал процент изразиле позитивни очекувања, а во поглед на работните позиции државните секретари од централно и локално ниво со кои е разговарано покажале помали очекувања за подобрување на меѓуетничките односи.  Во најлоша позиција во поглед на правичната застапеност во институциите, според ова истражување се Ромите.

Адита Абази Имери од ЕПИ посочи дека соодветната и правична застапеност се повеќе се смета како монополизиран процес кој се однесува само на албанската заедница маргинализирајќи ги немнозинските заедници.

Како сериозни пречки кои се идентификувани при ова истражување се политизацијата на администрацијата, посветеноста на раководителите, проблематичното вработување и процедури за вработување заедно со неадекватните механизми за мониторинг и санкционирање, недостиг од основни работни услови и буџетски ограничувања.

Абази Имери, меѓу другото, рече дека учесниците во истражувањето идентификувале вработување и унапредување врз основа на партиска припадност како клучна пречка за соодветно функцонирање на администрацијата.

Беше посочено дека најприсутно верување меѓу сите интервјуирани без разлика на нивната етничка припадност е дека спроведувањето на принципот во најголема мерка зависи од етничката припадност на раководителот на институцијата.

Една четвртина од испитаниците Албанци целосно веруваат дека унапредувањето зависи од етничката припадност. Постои недоволно разбирање за значењето со управувањето со различностите и интеграција на работната сила.

Испитаниците, меѓу другото, посочиле и дека не се советувани каде треба да се обратат во случај на дискриминација доколку се чувствуваат така, а не постојат ниту механизми за внатрешна заштита.

Во дискусијата беше посочено дека расправата за интеграција на припадниците на етничките заедници на работните места во државната администрација е позитивен исчекор во земјата, бидејќи досега се разговараше само за бројката за правична застапеност во државната администрација.

Дека ова е напредок смета Сашо Клековски, консултант на проектот, бидејќи сега, како што кажа, зборуваме за прашањето како да преминеме од бројки на интеграција што пред десет години беше поинаку.

- Ова исто така е многу актуелно прашање за Македонија, како од квантитет да направиме квалитет, рече Клековски кој смета дека за доброто на државата во континуитет треба да се следат овие прашања и процеси. Според него, исто така треба да се направи анализа и во приватниот сектор каде што има позитивни искуства коишто се базирани од интереси.

- Охрабрувачко е тоа што има поместување во гледањето на овие прашања во јавноста, вели Клековски.

Пратеничката Ермира Мехмети од ДУИ праша дали можеби  поголемото учество на Македонците на дебати коишто се поврзани со правичната застапеност не е резултат на тоа што тие се чувствуваат загрозени.

- Тогаш зошто толкав процент Албанци вработени во администрацијата земаат плата, а седат дома, рече Мехмети.

Во рамките на овој проект беше предложен модел за управување со различности коишто опфаќа афирмативни мерки што вклучуваат исполнување на квотите за припадниците од различните заедници, постојано и активно менаџирање на вработувањата. Активното и континуирано управување со човечки ресурси треба да се фокусира на фактори за коишто веќе е утврдено дека позитивно влијаат на интеграција на различните заедници и друго.