Бизнис
10. October 2017 - 14:05

Проект: Менторството можност за вработување млади од ранливи категории

Седумнаесет млади лица од социјално ранливи категории за првпат се вработиле со помош на менторство и кариерно советување, дел од проект за подобрување на социјалната инклузија преку вработување.

Најголем дел од нив се вработени во текстилната индустрија, индустријата за мебел, како и во трговијата како продавачи во прехранбениот сектор.

Проектот покажал дека менторството и кариерното советување е добар модел за полесно вклучување на овие лица на пазарот на труд и оти Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика треба да ги планираат како мерки за зголемување на вработливоста на овие категории млади. Се работело со млади од овие категории во четири градови, Скопје, Битола, Штип и Прилеп, а опфатени биле 108 млади лица.

- За 17 од нив помогнавме да го основаат својот прв работен однос. Тоа покажува дека е неопходно менторство поддршка односно е потребен индивидуален пристап преку кариерно советување. Две од лицата кои се пратени на пракса за прв пат потпишаа и договор за трајно вработување, рече Зоран Илиески извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА,  која го спроведувала проектот, финансиски поддржан од ЕУ ИПА 4 Развој на човековите ресурси.

Обуката ја спроведувале 20 обучувачи, дел од центрите за социјална работа и граѓанскиот сектор кои директно работеле со младите лица.

Мариче Тренеска, социјален работник од Младинскиот информатицен центар, е еден од обучувачите.

- Тешко е да се работи со оваа категорија млади лица, тие се затворен тип и немаат самодоверба да излезат на пазарот на трудот. Ние преку тестови, индивидуална работа и групни средби работевме заедно со нив да ги утврдиме квалитетите кои ги поседуваат и да се вработат, рече Тренеска на денешната завршна конференција на проектот „Подобрување на социјалната инклузија преку јакнење на вработливоста „Отворена врата - за младите од младите“.

Додаде дека се работело и на утврдување на квалитетите и афинитетите што лицата ги поседуваат надвор од нивното образование.