Продолжен притворот за напаѓачот на градоначалничката Арсовска
По целосно испитување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштуваат од ОЈО.
На 11 јули, на улицата „Севастополска“ во Скопје, обвинетиот извршил грубо насилство врз градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, со кое предизвикал телесна повреда кај оштетената и чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.
Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица, присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електропреносна мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки.
Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да и се заканува, стои во соопштението.
Јавниот обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, за кој и натаму постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото.
За истиот настан, за насилство со вербални закани кон градоначалничката беше пријавено уште едно лице, меѓутоа по прибирање на сите докази, вербалните искази на сведоците и оштетените, како и извршеното препознавање со соочување се утврди дека оштетените не го препознаваат пријавеното лице како сторител на заканувачки и насилнички дејствија кон нив.
Бидејќи не постојат материјални и вербални докази од кои неспорно би се утврдила кривична одговорност на второпријавениот за конкретното кривично дело, јавниот обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против него и на судот му предложи да ги укине претходно определените мерки на претпазливост за тоа лице, додаваат од обвинителството.
Ново на Сител
-
Поради голема бучава одзедемени „Ламборџини“, „Ауди“ и „БМВ“
-
Физичка пресметка меѓу две лица пред казино на Бит Пазар
-
Маж од штипско со остар предмет ги нападнал својата сопруга и нејзините мајка, татко и брат
-
Поради екстремната жештина во Португалија за една недела умреа речиси 300 лица
-
Жена обвинета откако мало дете е пронајдено во куфер во Нов Зеланд
-
Сообраќајка на магистралниот пат Гостивар - Кичево, учествувале еден мотоцикл и три автомобили
-
Мицкоски: Ќе има мерки за училишната кошничка, се анализираат модели за цените во маркетите
-
Отстранети 74 непрописно паркирани возила во Центар за седум дена