Притвор за превозниците на мигранти, обвинителството отвори предмет за постапувањето на полициските службеници
Двајцата возачи вклучени во вчерашниот инцидентот во кој мигрантка беше смртно застрелана добија кривични пријави и мерка притвор. Тие се сомничат дека сториле кривично дело криумчарење мигранти. Обвинителството ќе ја утврдува и одговорноста на полицаецот од чиј пиштол беше застрелана мигрантката. Со цел да ја испита одговорноста Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, веќе формирало предмет и донело наредба за вештачење на папиларните линии на службениот пиштол, како и на други траги врз основа на кои ќе се утврди кој го испукал куршумот со кој е предизвикана смртта кај мигрантката. И министерот Спасовски потврди дека се преземаат сите мерки за целосно расчистување на случајот.
Инцидентот во кој млада мигрантка го загуби животот се случи вчера во раните утрински часови во близина на касарната во Гевгелија. Додека еден од полициските службеници преземал дејствија за лишување од слобода на еден од двајцата возачи кои се обидувале да прокриумчарат група мигранти, осомничениот физички го нападнал полицаецот и во текот на нападот бил испукан куршум од службениот пиштол, кој предизвикал фатални последици завршувајќи во тело на мигрантка која веќе била сместена на задното седиште во едно од возилата.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар