Презентирана студија за оптимално греење и обезбедување топла санитарна вода во Скопје
Целосното искористување на централниот топловоден систем за греење во Скопје ќе придонесе за намалување на цената на услугата за корисниците за околу 25 отсто, ќе овозможи развој на когенеративното производство на топлинска и електрична енергија и зголемување на употребата на природен гас, а истовремено ќе значи и намалување на загадувањето.
Ова е еден од главните заклучоци на студијата „Дефинирање на техно-економски оптимална и еколошки одржлива структура на греење и имплементирање на централно снабдување со санитарна топла вода на градот Скопје“ изработена од Машинскиот факлутет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), што денескабеше презентирана пред членовите на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) при Стопанската комора на Македонија.
- Предмет на студијата е споредбена анализа помеѓу 12 различни начини на греење кои се прилагодливи или веќе ги има во Скопје и во други урбани средини. Резултатите од анализата покажуваат компаративна предност на централизираниот топловоден систем за греење кој е раширен и има можност за дополнително ширење во одредени делови на градот. Таму кајшто е помал топлинскиот конзум конкурентни се и други системи за греење со инвертер клима уреди, со топлински пумпи и гасни котларници за поединечни објекти, изјави проф. д-р Ристо Филкоски од Машнискиот факултет.
Тој нагласи дека концептот разработен во студијата покажува и одредени еколошки погодносни, односно би довел до намалување на загадувањето во градот за одреден временски период.
Проф. д-р Константин Димитров од МАЦЕФ посочи дека во студијата е обработен и проблемот со централизирано снабдување за подготовка на санитарна топла вода, преку што може да се смали потрошувачката на електрична енергија.
- Кога имаме централизирано греење концентрацијата на честички по метар кубен воздух е во дозволени рамки. Идејата ни е да се зголеми потрошувачката на топлинска енергија централизирано произведена и да се намали потрошувачката на електрична енергија со што глобално на ниво на држава ќе се намали загадувањето исто како и на локално ниво во градот, рече Димитров.
Посочи дека ќе бидат потребни поголеми финасиски средства веднаш да се вложат за да се обезбеди санитарна топла вода во секое време во домаќинствата, но тоа, какао што кажа, долгорочно е поевтино отколку да се добива со електрична енергија.
Резултатите од струдијата се совпаѓаат со претходно изработени студии и испитувања кои покажаа дека користењето на нееколошки средства за затоплување на домовите, пред се дрвата и јагленот, се еден од главните причини за проблемот со енормназагаденост навоздухот во Скопје во текот на грејната сезона. Во студијата се наведува дека зголеменото ниво на концентрации на цврсти честички во воздухот во Скопје, особено во зимскиот период, се должи и на условите во сообраќајот кои, како што се посочува, диктираат режим на работа на возилата кој е еколошки неповолен и продууцира поголемо количество на цврсти честички и други штетни материи, пред се при возење на кратки релации и во услови на сообраќаен метеж. Зголеменото загадување се должи и на згуснетите урбанистички решенија, зголемениот број на жители и други поседици од неприродното растење на градот, како и од појавата на температурна инверзија карактеристична за котлините.
Во студијата има предлог концепт за развој на грејната структура во Скопје составен од краткорочен, среднорочен и долгорочен план со преглед на потребните инвестиции за реализација.
Ново на Сител
-
МВР откри терористичка ќелија која организирала напади во Македонија и регионот
-
Од денеска во маркетите над 800 производи се со намалени цени
-
Германија и Словенија со нон пејпер бараат да се укине можноста за вето поради билатерални прашања
-
Годишнина од формирањето на Движењето ЗНАМ
-
Информативната редакција на Сител со Роберт Поповски
-
30 години информативна редакција на Сител со Зоран Иванов
-
30 години информативна редакција на Сител со Васко Ефтов
-
Интервју со Ели Пешева