Претседателот на Собранието се очекува да ги распише локалните избори
Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска се очекува да ги распише локалните избори. Ова ќе бидат осми локални избори по ред од независноста на државата.
Со тоа ќе почнат да течат роковите за изборниот процес. Локалните избори треба да се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. На локалните избори, граѓаните ќе бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.
Рокот за поднесување на листите е најдоцна 35 дена пред денот на одржување на изборите, што значи подносителите имаат рок најдоцна до 15 септември за да ги поднесат листите со советници и градоначлници.
Државната изборна комисија ќе има неколку дена да ги провери и најдоцна 23 дена пред изборите да ги утврди, односно на 27 септември. Изборната кампања ќе трае 20 дена и започнува на 30 септември.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025, кој е веќе објавен, изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање. Дополнително на овие пари е и сумата за надоместоците на членовите на избирачките одбори и транспортот и дистрибуцијата на членовите на ИО и избирачкиот материјал од ОИК до избирачките места каде што ќе се гласа, бидејќи тие ги обезбедуваат локалните самоуправи.
Еден од поважните рокови и изборни дејствија е увидот во Избирачкиот список (ИС), кој започнува 15 дена по распишувањето на изборите и трае дваесет дена. Ова е период во кој избирачите со право на глас, односно оние со наполнети 18 години, ќе можат да ги проверат своите податоци во ИС и доколку имаат забелешки и барања за корекции да ги допстават до ДИК електронски или до подрачните канцеларии на Комисијата. Избирачите можат и сега да го сторат тоа, но ажурираниот Избирачки список за локалните избори до ДИК ќе биде доставен набрзо по распишувањето на изборите.
Според Изборниот законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите.
Локални избори во Македонија се одржале во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.
Ново на Сител
-
Канада испраќа во Украина дронови, муниција и оклопни возила вредни милијарда канадски долари
-
Приведен 43-годишен родител на фудбалер, по инцидентот на натпреварот меѓу пионерските екипи на „Шкупи“ и „Брегалница“
-
ФФМ го осуди инцидентот на натпреварот Брегалница – Шкупи: Нема компромис со насилството
-
Димитриеска-Кочоска во Загреб на потпишување Меморандум, Македонија се вклучува во иницијатива за унапредување на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа
-
Пропадна уште еден обид за конституирање на Собранието на Косово
-
Српскиот претседател претстави нови економски мерки за подобрување на животниот стандард на жителите на државата
-
Приведен 29-годишник, возел со 171 километри на час на место каде е дозволено 100
-
Приведен 36-годишник, при претрес на неговиот дом пронајдена е дрога