Македонија
24. August 2025 - 16:58

Продолжуваат партиските активности за локалните избори

Четири години локална власт – четири години разочарувања. СДСМ и денеска преку пет последователни прес-конференции со критики работата на градоначалнциите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. 

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова вели, развојот на главниот град се закочи поради бизнис-договори, а Скопје беше уништувано поради партиски профит.

-Тие го претвораат градот во свој партиски вилает за да ги спроведуваат партиските агенди. Го претворија Скопје во заложник на нивните расправии и интереси сега, а во следните четири години ќе го претворат во поле за лични и партиски профити. Наместо да управуваат одговорно, го жртвуваа Скопје за да се пресметуваат со градоначалничката што прво ја поддржаа, а потоа ја отфрлија. Денес секој булевар, секоја улица, секое маало сведочи за нивниот неуспех, вели Шукова.

На партиската говорница излегоа кандидатите за градоначалници на Аеродром, Ѓорче Петров, Гази Баба и Бутел. Зборуваа за неисполнетите ветувања, нерешните проблеми, загадувањето и урбанистичкото дивеење

-И Тимчо Муцунски кој наследи полна општинска каса, и сегашниот градоначалник Дејан Митески пред 4 години ветуваа сѐ и сѐшто – од „хумана урбанизација“ на Аеродром до 100.000 метри квадратни ново зеленило, 3.000 нови паркинг места, 4 нови градинки, таблет за секое дете и смарт табли во секој училница. По 4 години граѓаните го добија спротивното – запуштена општина, паркови обраснати со треви, ѓубре, ниту метар ново зеленило, проекти кои се во фаза на подготовка на документација или почетна фаза, вели кандидатот за градоначалник на Аеродром Александар Трајановски.

-Ветија 4 градинки а не реализираа ниту една. Ветија 500.000 нови дрвја а во реалноста тие не постојат. Освен ако не се бројат  саксиите пред општината. Ветија нова фекална мрежа, гасификација, топлификацијам проекти тешки над 1 милијарда денари. После 4 години ништо нема од овие проекти, сите во фаза на „најави“, вели кандидатот за градоначалник на Гази Баба, Влатко Митовски.

Партијата ЗНАМ му одговори на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски. Портпаролот на партијата рече дека тој не е ништо друго освен политички паразит.

-Нема ни трага, ни глас од некое негово дело во Куманово. Ниту една визија, ниту еден успех. Но, затоа има цела приватна армија на вработени роднини и пријатели платени од народни пари. Ова не е политичар, ова е кариера на еден политички паразитизам. Само штета, само лаги, само штитење на своето семејно и политичко гнездо, вели портапролот Никола Мемов.

Прашани за евентуална соработка со најголемата партија ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори, Мемов вели – преговорите се при крај.

-Многу блиску сме со договор ВМРО-ДПМНЕ за взаемна соработка и поддршка во општините Куманово и Центар. Се разговара и се прават проценки и за поддршка во некои други помали општини низ целата територија на државата, вели Мемов.

Независната Билјана Ивановска, пак, организираше средба со центарци кај Зелено Пазарче. Токму преку директни средби сака да црпи идеи за нејзината предизборна кампања.

-Секој од својот аспект да си ја каже својата мака, со што се соочува, со какви проблеми се соочува. Тоа мене особено ми значи, во овој период кога сме во фаза на подготовка на нашата програма. Иако јас секојдневно тука се движам, шетам и по сите општински квартови, ги гледам сите слабости коишто се, меѓутоа, непосредните средби со граѓаните многу ми значат, вели Ивановска.

13 септември е рокот за поднесување на листите и за партиите и за независните. Големите партии се уште одлучуваат за кандидати за некои општини, а согласно новиот правилник на ДИК очекувањата се на избирачките ливчиња да има повеќе независни кандидати од минати изборни циклуси.