Свет
24. November 2017 - 8:38

Пресретнат чамец со над 100 мигранти кои испловиле од Либија

За време на спасувачка операција во Средоземно Море бил најден гумен чамец со 108 мигранти, меѓу кои и една жена која веќе починала заедно со нејзиното бебе по компликации при породувањето на пловилото.

Повеќето од патниците биле Еритрејци, а меѓу нив имало 16 жени и 34 малолетници. Патниците биле преземени од бродот Акваријус на невладината организација СОС Медитеране.

На почетокот на годинава италијанското обвинителство покрена истрага против оваа организација и неколку слични на неа, под сомнеж дека се координираат со шверцерите на луѓе од Либија и дека ја влошуваат мигрантската криза во Европа со своите активности.

Овие организации испраќаат спасувачки бродови за да ги пресретнат бродчињата и чамците со мигранти кои испловуваат од Либија и кои ќе упатат повик за помош на отворено море, но според обвиненијата, овие повици честопати се лажни и однапред договорени со спасувачките организации.

Во изминатите три дена, 1.500 мигранти биле преземени на ваков начин во меѓународните води меѓу Либија и Италија. Во текот на годинава околу 114.600 мигранти стигнале во Италија преку Средоземно Море, што е една третина од бројката која пристигна во Италија во 2016 година.

Годинава италијанските и европските власти значително го заострија пристапот кон либиската мигрантска рута и освен истрагата во активностите на спасувачките невладини организации, работат со либиските власти да го спречат испловувањето на бродовите со мигранти.