Македонија
12. July 2017 - 17:53

Премиерот Заев во Трст се сретна со Рама и Брнабиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во рамки на Самитот „ЕУ - Западен Балкан“ што се одржува во Трст, се сретна со претседателите на владите на Република Србија, Ана Брнабиќ и на Република Албанија, Еди Рама.

Од владината служба за информирање соопштија дека пред почетокот на средбата на шефови на држави и влади, премиерот Заев има билатерални средби.  

Премиерите на Македонија и на Албанија, Заев и Рама на средбата оцениле дека добрососедските односи меѓу двете земји се во насока на стабилен и безбеден регион со евро-атлантски перспективи.

Двајцата премиери изразиле определеност кон конструктивни политики што се во интерес на граѓаните на двете земји, наспроти деструктивниот национализам којшто дели и оди на штета на граѓаните.
Премиерот Рама најавил поддршка на Пустец со инвестиции, што ќе придонесат за развој на оваа општина во којашто живеат граѓани од Македонија. Премиерот Заев го објаснил концептот Едно општество за сите, зад којшто стои новата реформска Влада на Македонија и којшто обезбедува квалитетен живот и правда за сите граѓани.

На средбата се разговарало за можностите за размена на искуства во областа на правосудството, како и продлабочување на соработката во економијата, бизнисот и странските инвестиции, како и земјоделството и инфраструктурата.

Премиерите на Македонија и Србија, Заев и Брнабиќ на средбата констатирале дека постојат услови за продлабочување на односите меѓу двете држави, како и дека тоа ќе биде силна порака кон ЕУ, за европска интеграција на земјите од Западен Балкан коишто припаѓаат на Унијата.

Има заедничка согласност, се наведува во соопштението, дека на граѓаните на Македонија и на Србија им е неопходен економски развој и дека тој е можен само преку вистинска регионална соработка.

Во таа насока се разговарало за околу поддршката во државите на старт ап центри коишто отвораат можност за нови работни места. Се зборувало и за регионално поврзување на младите, како и за размена на искуства во дигиталната ИТ технологија. Со тоа, премиерите Заев и Брнабиќ оцениле дека може се придонесе кон интересот што го имаат и двете држави, да го спречат одлевањето млади, квалитетни луѓе во странство и мотивација на оние кои заминале, да се вратат.

Премиерите на Македонија и на Србија, придружувани од министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Ивица Дачиќ изразиле согласност сите отворени прашања на двете пријателски земји да се решаваат низ конструктивна соработка и дијалог.

Од владината служба за информирање посочуваат дека предмалку завршила официјалната средба на премиерот Заев со потпретседателот на Светска банка, Цирил Милер.

Следува Самитот на шефови на држави и влади за Западен Балкан, на којшто ќе бидат присутни премиери на држави од ЕУ и претставници на највисоко ниво од Брисел. Сите настани во Трст се проследени со огромен медиумски интерес од светски рамки, стои во соопштението.